8 кандидати за градоначалник на Битола денеска во просториите на Општината потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.
Почитувањето на владеењето на правото при организирање и спроведување на изборите, почитување на законите, правилата и прописите поврзани со организацијата и реализацијата на кампањата на секој од учесниците е во основата на кодексот за фер и демократски избори што денеска во Битола го потпишаа 8-те кандидати кои се кандидираат за градоначалник на Битола. Го организираше Општинската изборка комисија – ОИК.
„Денеска беше потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, согласно Изборниот законик и роковникот, изготвен од Државната изборна комисија. Тоа се прави непосредно пред почетокот на изборната кампања којашто официјално започнува на 29 септември.“ – изјави денеска за медиумите Игор Талевски, претседател на ОИК – Битола.
И официјално, Битола има 5 кандидати зад кои стои политичка партија или коалиција, а тројца го носат статусот независни, кандидати поддржани од група граѓани. Во Битола има и 16 листи на кандидати за советници. А со потпишување на овој Кодекс потписниците се обврзаа дека ќе се придржуваат и активно ќе го промовираат кодексот како етички чин кој ќе го почитуваат при своите настапи во изборниот процес. Потпишување на Кодексот за фер и демократски избори се реализираше согласно чл.8 в ст.1 од Изборниот закон според кој од денот на донесување на одлуката за распишување на избори, политичките партии учесници во изборниот процес, потпишуваат Кодекс за фер и демократски избори.