Утре 13 септември на полноќ, завршува и рокот за доставување на листите за кандидати за градоначалници и за советници до општинските изборни комисии (ОИК).
ОИК врши проверка на листите веднаш односно најдоцна во рок од 24 часа од приемот на листата. Ако ОИК утврди дека листата е поднесена во определениот рок и е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, поднесената листа ќе ја потврди со решение веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.
Ако ОИК утврди дека констатираните неправилности или пропусти, подносителот на листата не ги отстранил во рокот од 48 часа, поднесената листа ќе ја отфрли со решение најдоцна во рок од 24 часа, сметајќи од истекот на рокот за отстранување на неправилностите.
ОИК по потврдување, листите на кандидат/и ги доставува до ДИК заради утврдување на редоследот во единствената листа на кандидат/и согласно Изборниот законик, веднаш по потврдувањето на листите односно најдоцна на 20 септември.
Листа на кандидат за градоначалник односно листа на кандидати за членови на совет, кои се поднесени од ист подносител добиваат ист реден број во сите општини и градот Скопје. Редоследот на кандидати во листата на кандидати, ДИК го утврдува со ждрепка и тој број е ист во сите општини и градот Скопје, a во општината односно градот Скопје каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место. Листите на кандидат/и предложени од коалиција предводена од една иста политичка партија, без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата во различни општини односно градот Скопје, имаат ист реден број.
ОИК утврдената единствена листа на кандидат/и ќе ги огласи најдоцна 23 дена пред денот определен за одржување на изборите во сите населени места и на избирачките места во општината, најдоцна на 25 септември, до 24:00часот.
Од денот на донесување на одлуката за распишување на избори, политичките партии учесници во изборниот процес, потпишуваат Кодекс за фер и демократски избори. Датумот на потпишувањето го определува ОИК, а потпишувањето ќе се одржи пред почетокот на изборната кампања најдоцна до 27 септември.