Во постојан дијалог со бизнис заедницата, синдикатите и сите засегнати страни го унапредуваме животниот стандард на граѓаните, рече денеска од Битола премиерот Димитар Ковачевски.
„На тој начин ја зголемивме и минималната плата. Веќе 80.000 вработени, наши сограѓани, работници во различни дејности и индустрии, земаат 18.000 денари минимална плата. Дополнително, државата го субвенционира делот врзан за придонеси.
Пензиите доживеаја историски највисок раст. Во дијалог со пензионерите, дефиниравме методологија со која пензиите континуирано ќе растат без потреба од дополнителна интервенција. Дополнително ги помогнавме и со директна помош од вкупно 3.000 денари за три месеци.
Во услови кога цените на горивата на светските берзи секојдневно растат, преку намалувањето на ДДВ-то и на акцизите денес имаме најевтини горива во регионот што е особено добредојдено и за граѓаните и за компаниите.
Намаленото ДДВ за основни производи на 0% како и замрзнувањето на маржите овозможи цените на овие производи да не пораснат неконтролирано со што животниот стандард на граѓаните е заштитен, а потрошувачката кошничка пополна.
За компаниите, овозможивме финансиска поддршка преку Развојната и комерцијалните банки преку користење на бескаматни кредити, користење на Гарантниот фонд како и поволни кредитни линии кои ќе овозможат зелена транзиција. Пред нас е период полн со предизвици за кои сум уверен дека со правилен пристап, посветено и заеднички ќе ги премостиме.”, рече Премиерот Ковачевски.
КОВАЧЕВСКИ: ПРЕКУ НАМАЛУВАЊЕ НА ДДВ-ТО И НА АКЦИЗИТЕ ДЕНЕС ИМАМЕ НАЈЕВТИНИ ГОРИВА ВО РЕГИОНОТ













