Македонскиот бенд КОД 369 потпиша петгодишен ексклузивен издавачки договор со најголемата и најзначајната издавачка куќа во регионот Кооација Рекордс. На нивната работна посета во Загреб, беа одлично пречекани од екипата на Кроација која беше максимално професионална, а воедно и пријатна. Таму се сретнаа со прекрасна атмосфера во студијата за аудио и видео продукција и одлични услови за соработка. Па така таму го снимија и првиот сингл на хрватски јазик со наслов Права љубав. Тој зборува за безвременоста и бесконечноста на искрените чувства и несебичноста.
Албумот Stages of Love е првиот албум кој го создадоа и снимија како КОД 369 и истиот наскоро ќе биде издаден од страна на Кроација Рекордс.

„ Пред се соработката со Кроација Рекордс за нас претставува една голема чест. Да се биде во друштво со врвните музичари од регионот е признание за нашата долгогодишна работа како автори и изведувачи. Воедно ова за нас е и еден вид благослов, продолжување на успесите кои уште на почетокот ги направивме, а тука мислам пред се на големиот број на музички видеа кои се вртеа на Ем-Ти – Ви Адриа, првите места на топ листите, како и многубројните фестивали чии гости бевме“, ни изјави вокалот на групата Ирена Димовска.
За потпишувањето на овој договор Ирена истакна:
„ Идејата потекна од нашиот менаџерски тим, односно од Баги комуникации. Нашиот менаџер Манде кој одлично соработува со многу негови колеги менаџери, како и музичари ни ја овозможи оваа соработка. На наше задоволство, пресудниот момент кој не донесе во Кроација Рекордс беше нашата музика.“
КОД 369 е формиран во 2020 година. Членови на бендот се: Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали), Иле Лулевски (тапани, придружни вокали) и Коста Стеваноски (бас гитара, клавијатури).

КОД 369 се продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на Памперс (Ирена Димовска, Даниел Митревски и Иле Лулевски),
Во музиката на КОД 369 се внесени нови музички моменти на фанк, џез и класични инструментализации кои проткајуваат во препознатливата рок основа и влијанија на современата музика од доменот на поп и рок. Нивната музичка мисла секогаш се наоѓа на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп музика, задржувајки ја свежината, слободата и авангардните идеи на првата категорија и прифатливоста на втората. Во нивните текстови може да се препознаат универзалните човекови и книжевни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на индивидуата како двигател кон своето најдобро јас.
Првиот сингл со наслов „Остани до крај“ е истовремено амбиентален и подвижен, искажувајки ги турбуленциите на емоциите. Стиховите се стремат да ja величаат љубовта на долги патеки.
Вториот со наслов “Butterflies” е сага и инспирацијата за секој уметник кој сака своите дела слободно да ги твори и да ја подели својата креативна сила за доброто на сите.
„ Во време на сериозни закани за општеството и човештвото воопшто, уметноста како навидум да го губи своето значење и ако не е излишна тогаш е барем игнорирана. Ако нешто вистински ги поврзува сите луѓе тоа е уметноста“, велат од Код.


















