Македонија годинава доби нов европски шампион во мотоциклизам – Петар Мијалков, човек кој со огромна посветеност, храброст и дисциплина успеа да се искачи на самиот врв на БМУ Европскиот шампионат. Со моќни настапи, стабилни резултати и карактер што не отстапува пред предизвиците, Петар ја испиша една од најубавите страници во историјата на нашиот мото спорт.

Кој е Петар Мијалков?
Петар ја носи љубовта кон мотоциклизмот од најрана возраст. Иако желбата отсекогаш постоела, недостигот на финансии и услови го одложиле неговиот почеток. Во 2017 година го купува својот прв мотор и започнува да вози по улични патеки, но сонот за вистинска тркачка стаза секогаш стоел како недостижна цел. Кога конечно ги обезбедува потребните средства, започнува да тренира на стаза – и во 2023 година официјално влегува во светот на трките.
Активно се натпреварува само три години, но резултатите зборуваат сами за себе. Во втората натпреварувачка година (2024) ја освојува својата прва голема титула – БМУ Европски вицешампион и Државен шампион на Македонија. Веќе следната година, неговиот талент и труд кулминираат: Петар е на самиот врв и на БМУ Европскиот шампионат и на Државниот шампионат за 2025 година.


















