Агенцијата за филм на Македонија оствари соработка со Petra Belas Artes À LA CARTE – стриминг платформата, за прикажување на филмови, со седиште во Сао Паоло, Бразил со цел промоција на македонската кинематографија.
Во рамките на оваа соработка е предвидено прикажување на македонски филмови на територијата на Бразил како и дискусија за истите по нивното прикажување на YouTube каналот на Petra Belas Artes À LA CARTE.
Филмовите се прикажуваа како дел од неделата на македонски филм, во периодот од 10-23 март. Меѓу филмовите кои се прикажани се:
„Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески, „Врба“ во режија на Милчо Манчевски, „Ефектот на среќата“ во режија на Борјан Зафировски, „Господа од современа“ во режија на Ана Алексовска, „Змија“ во режија на Андреј Волкашин, „Налепница“ во режија на Георги Унковски, „Сите ќе умреме“ во режија на Сашко Потер Мицевски.

„Реткост во бразилските кина, македонската кинематографија е претставена со седум скапоцени камења во овој неверојатен проект „Сврти се кон светот“, што не смеете да го пропуштите„се вели во официјалното соопштение на стриминг платформата.
За Исцелител се вели: „Ѓорче Ставрески, кој лесно флертува и со семејна драма и прикажува фантастични изведби на својата актерска екипа, е дел од фестивалот „Сврти се кон светот: Македонија“ и е избран за претставување на земјата на Оскарите 2019 година во категоријата за најдобар меѓународен филм, покрај тоа што се смета за еден од најсветлите моменти на македонската културна продукција“.
За Врба се вели: „нов филм од еден од најважните македонски режисери Милчо Манчевски, истиот тој што ја воведе својата земја на Оскарите во категријата за најдобар странски филм, во 1995 година, со „Пред дождот“.
Во 2021 година, Македонија го избра „Врба“ за претставник на Оскар за најдобар меѓународен филм, филм кој има добиено различни награди на значајни фестивали“.
Ова е прва соработка од ваков вид што има за цел да ја приближи бразилската јавност до современата македонска филмска продукција.
Неда Маретиќ
















