„Имавме перфектен извештај денес како што сме го имале најдобриот извештај од 2019 или 2020 година, историски гледано. И тогаш ги направивме идеалните извештаи а не можевме да ги почнеме преговорите заради билатералните спорови” изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во негово гостување на Вести на Канал 5 Телевизија.
Тој додаде дека без разлика на критиките во извештајот, тие критики се преведени во план за акција преку патоказите, но тоа не може да ни помогне да ги почнеме преговорите доколку ги немаме усвоено уставните измени.
„Апелирам до опозицијата дека ако сакаме да имаме одговорна опозиција, да ги направиме заедно уставните измени за да се фокусираме само на реформите и да видиме кој е одговорен и кој може да работи подобро и кој може да испорача подобри резултати”, заклучи Маричиќ
„Во овој извештај како ретко досега со име и презиме е наведена ВМРО-ДПМНЕ опозициската главна партија како партија којашто ја блокира работата на Собранието и тоа се доведува во врска со тоа дека заради таа блокада има недостаток на реформи во делот на донесување на законите на време и планирање на мерките на време. На тоа сме сведоци секој ден, тоа не е ништо ново”, изјави вицепремиерот за европски прашања.
Тој дополни дека сето тоа кажува дека одговорноста за реформите и за чекорите не е само кај владата туку и кај опозицијата, како и кај правосудните органи коишто треба да ги спроведуваат законите, но и дека навистина треба опозицијата да се замисли дали е вистински момент да се пружи рака, да се покаже дека имаме консензус за европски интеграции на дело.
„Забелешките во сите други области треба да ги земеме сериозно особено во делот на владеење на правото, судски совет и ние веќе работиме на нивно надминување. Ние сме поканиле мисија на ЕУ, оценска мисија којашто ќе даде препораки за работата на судскиот совет на чело со поранешен претседател на врховниот суд на Хрватска со намера токму да правиме нешто во врска со овие наводи од Европската Комисија”, потенцираше Маричиќ.
Тој заклучи дека истото важи и за кривичниот законик за кој се отворени дискусии и дека токму преку него ќе се исправи се она што сметаат од ЕК дека и од јавноста дека е проблематично.