Режисерката Марија Апчевска е добитничка на наградата за Најдобра режија на еден од најстарите филмски фестивали Martovski festival – Belgrade Documentary and Short Film Festival, кој оваа година го слави своето 69-то издание. Зачувувајќи ја својата богата традиција, Белградскиот фестивал на документарен и краток филм ги следи современите трендови во филмската уметност и технологија, прикажувајќи филмови со висок уметнички квалитет и поттикнувајќи понатамошен развој на домашната и интернацинална филмска продукција.
Жирито кое одлучуваше за наградите, беше во состав: претседателот на жирито Лордан Зафрановиќ, режисер и сценарист – Хрватска, Хајнц Херманс, професор по драматургија на кратки филмови – Германија, Милан Никодијевиќ, режисер, сценарист и продуцент – Србија. , Џанфилипо Педоте, продуцент и сценарист – Италија и Драгомир Жупанц, филмски и ТВ режисер – Србија. Тие го дадоа следното образложение: „Северен пол“ е минималистички филм, во добра смисла на зборот, кој ја искористи магијата на филмот како медиум и со тоа, можеби, ги надмина намерите на самите автори. Ова достигнување е доказ дека филмот е чудо. Со врвна реализација, сите пофалби за младите актери“.

Наградата во име на режисерката ја прими Милош Љубомировиќ, копродуцент на филмот, а ја врачи Дарко Ковиќ, член на селективната комисија на Фестивалот.
Филмот “Северен пол” на битолчанката Марија Апчевска, е со уште една номинација на филмски фестивал. Овој пат како дел од интернационалната конкуренција на 25-то издание на Brussels Short Film Festival кој се одржува од 20-ти до 30-ти април во Белгија. Исто така тој е веќе избран во официјална селекција на фестивалот кој се одржува од 8 до 14 април во Рига, а потоа патува и за Њујорк на фестивалот кој се одржува од 20 ти април до 1 мај.
Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, а кастинг-директор Киријана А. Николоска. Филмот е копродукција помеѓу Македонија и Србија. Продуцент на филмот е Роберт Насков, копродуценти Милош Љубомировиќ и Горан Тодориќ. Овој филм е сниман на 16 милиметарска филмска лента. Филмот беше избран во програмите на фестивалот во Талин, потоа на фестивалот во Швајцарија , на јубилејното 25 то издание, во Шведска на фестивалот кој се одржуваше од 10 ти до 21 ноември, беше прикажан на Лондонскиот фестивал за краток филм и други. Натпреварувачката програма оваа година на фестивалот во Белград опфати 77 филмови во следните категории: експериментален филм и видео уметност, анимиран филм, краток игран филм, документарен филм до и над 50 минути и меѓународен краток филм.
69 тото издание на истиот траеше од 29 март до 2 април, во Домот на млади во Белград. Еден од најстарите филмски фестивали во Европа и светот и претстави на јавноста богата натпреварувачка и ревијална филмска програма, а беа организирани и бројни работилници, форуми, промоции и други придружни програми.
Неда Маретиќ


















