Месец март за здравствените работници е месец за одбележуавње на битката со колоректален карцином. Годинава СЗО се фокусира на најсовремените достигнувања во третманот на колоно-ректалниот карцином, со посебен акцент на пристапот „директно до хирургија“
Колоректалниот карцином е вид на рак кој започнува во дебелото црево.
Според Светската здравствена организација, (СЗО), колоректалниот карцином е трет најчест карцином во светот, со околу 10% од сите случаи на рак и е втора водечка причина за смртни случаи поврзани со рак на глобално ниво. Ризикот од колоректален карцином се зголемува со возраста. Додека повеќето случаи ги погодуваат лицата постари од 50 години има зголемување на случаите кај помладите лица.
Според истражувањето објавено во “Clinical Gastroenterology and Hepatology”, а што го пресеува Институтот за јавно здравје на Македонија во споредба со луѓето родени во периодот од 1950 до 1954 година, луѓето родени помеѓу 1980 и 1984 година имаат приближно двојно поголема веројатност да заболат од колоректален карцином, а кај оние родени помеѓу 1990 и 1994 година, веројатноста за добивање на колоректален карцином е тројно поголема. Вообичаени симптоми вклучуваат дијареа, запек, крв во столицата, абдоминална болка, необјаснето губење на телесната тежина, замор и ниско ниво на железо. Повеќето луѓе немаат видливи симптоми во раните фази на болеста и како специфична симптоматологија за специфична дијагностика досега се сметаше наизменичното манифестирање на дијареа па запек и обратно. Ако воочите симптоми како абдоминална болка, крв во столицата, стеснување на столицата или промена во навиките на дебелото црево, треба да разговарате со вашиот доктор за преглед. – препорачуваат од Институтот.
Редовниот скрининг за колоректален карцином е најдобриот начин да се спречи ширењето на карциномот. Скринингот може да ја намали и инциденцата и смртноста на колоректалниот карцином преку рано откривање и отстранување на преканцерозните израстоци или полипи на дебелото црево кои исто така се чести.
Секој може да развие канцер на дебелото црево. Колоректалниот карцином ги погодува мажите и жените и луѓето од сите раси и националности. 30% од дијагнозите се на возраст под 55 години. 5-годишната стапка на релативно преживување за стадиум I и стадиум II на рак на дебелото црево е 90%; стапката на 5-годишно преживување за пациентите дијагностицирани во стадиум III е 71% и стадиум IV е 14%. Луѓето кои имаат семејна историја на колоректален карцином се изложени на поголем ризик и докторите генерално препорачуваат да се започне со скрининг на порана возраст, бидејќи ризикот од добивање на болеста може да биде поголем.
Но, постојат и одредени ризик фактори кои играат улога во развојот на овие израстоци. Како најчести ризик фактори се наведуваат дебелината, пушењето, храна богата со масти, алкохолот, недоволната физичка активност и други ризици.
Истражувањата покажуваат дека исхраната богата со масти е голем ризик фактор за рак на дебелото црево. Исхраната треба да биде богата со природни влакна, а не да се додаваат влакната како додаток во исхраната. Се препорачува да се намали потрошувачката на црвено месо, не повеќе од три пати неделно и да се избегнува консумирање на сушени месни производи.
Во 2025 година, СЗО се фокусира на најсовремените достигнувања во третманот на колоно-ректалниот карцином, со посебен акцент на пристапот „директно до хирургија“ и дополнително, ќе ја истражи тековната еволуција на минимално инвазивните техники и нивното влијание врз квалитетот на животот на пациентот, дури и на сложени случаи.


















