Жалам што се одлучи на чекорот да правиш јавна пародија и да служиш за дефокус од криминалот на оваа криминална власт и те разбирам, но не можам да те оправдам, стои во реакцијата-одговор до поранешниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Нема потреба од дијалог преку медиуми, но бидејќи ми се обрати со статус само еднаш ќе ти одговорам на ист начин: Никола, немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт. Еден ден кога ќе се видиме очи во очи ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш. Нема да дозволам да се заборави што прави оваа криминална власт за да остане се подолго креирајќи атмосфера каде се губи надежта на граѓаните за правда и за правдина. Ако ти сакаш раздор тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да за спротивставам, бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија која се повеќе тоне во криминал, каде се оди против волјата на граѓаните. А нас политичарите народот не бира и ние одговораме пред народот за нашите постапки. За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018-та, ова е друго време. Како велеше, “вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе”, а вистината ја знаеме и јас и ти., но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно“ стои во реакцијата.

Вчера Груевски се огласи преку Фејзбук статус.
„Во врска со изјавата на Христијан Мицковски за германскиот медиум ФАЦ, а поврзано со мене, го повикувам јавно да одговори на следните две прашања:
1. Дали е точно дека тоа го кажал во изјавата за германскиот медиум,
2. Доколку е точно, дали може лично тој јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или било што јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата.
Се надевам дека одговорот ќе е јасен, недвосмислен, директен и личен исто како и изјавата, без префрлање на изјави на преставници на партијата, портпароли, давање брифинзи на портали или други медиуми со кои има блиска соработка“ стои во неговата објава.

Претходно лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како што пренесува Дојче Веле, наведува дека „за да издејствува уставни измени, владата подготвува валкани дилови“.
Груевски се наоѓа во тајна комуникација со владата, тврди претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг”.
Мицкоски, како што пренесува Дојче Веле, наведува дека „за да издејствува уставни измени, владата подготвува валкани дилови“.
Според Мицкоски, Владата верува дека може да ја подели опозициската партија, но, како што истакнува, тоа нема да успее.












