ТЕРА

REKLAMA???

МИЦКОСКИ: ЗА ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ВО БИТОЛА 300 ПРВАЧИЊА ПОМАЛКУ

На свечената акaдемија по повод „8-ми Септември“ Денот на независноста, премиерот Христијан Мицкоски рече дека во вакви моменти треба да зборуваме директно и отворено и дека сака да потсети на како што рече, едно големо потфрлање кое како држава го имаме речиси три и половина децении постоење на независна македонска држава.

„А тоа е чувството на разочараност од системот. Тоа може да се забележи и во колективната слика за состојбата на една нација низ секојдневното опстојување, дури и на социјалните мрежи. Многу гнев, насобрана омраза, постојани навреди, клевети, кавги и лоши пораки. Причините за таква разочараност кај граѓаните се пред сè поради примерите кои ги даваа политичките елити сите овие години. И во ова мое обраќање не сакам да зборувам за партиските пресметки, ниту пак целта ми е да гледам низ призмата на партиските битки, туку говорам за државничките позиции и анализи кои мора сите одговорни да ги имаат во своите политички патокази. Тоа незадоволство од системот е пред сè поради неправедното водење на политиките, на страшно мачната транзиција, на многу силен криминал кој ја разјаде секоја силна пора во ова наше општество, на неправдите кои ги гледаа, на фактот што многумина ја водеа државата и одлучуваа за судбините на другите, а беа истовремено дел од криминалниот канцер кој ја разјадуваше државата и се смееја на лицето на правдата“ рече тој.

Во своеот обраќање, рече тој дека сака да говори за големата слика, надвор од оние дневни партиски препукувања кои само говорат за очајната состојба во која се наоѓаат одредени политички структури што не умеат да излезат од својата длабока безидејност.

„Не можам да бидам мирен кога се знае и е јасно дека не има сè помалку. Може ние да се расправаме за патишта, клучки, за даноци, плати и пензии. Но залудно е ако имаме сè помалку луѓе. Ако наталитетот е во рецесија. Залудно правиме патишта ако нема кој да вози по нив, да градиме училишта ако клупите се празни или да градиме игралишта ако нема детски жагор во нив. Залудни се сите наши борби и грижи ако за 70 до 100 години народот ни се преполови, игралиштата станат празни, клупите без ученици“ вели Мицкоски.

Рече дека ние не сме многуброен народ, а прашањето за наталитетот е прашање за нашата егзистенција и како нација и како држава.

„Во Битола, во 2015 година, прво одделение започнаа 960 првачиња. Десет години подоцна, оваа 2025 година, бројот е само 651 дете. За една деценија изгубивме повеќе од 300 ученици-една цела генерација што ја нема. Во Тетово, каде пак миграцијата од село во град е голема, во 2022 година имавме 1076 првачиња, а оваа година само 940. Рецесија од 136 првачиња за само три години. Во Охрид, во 2022 имаше 560, а во 2025-едвај 440 деца. Тоа значи дека секоја паралелка се гаси пред нашите очи. Најдраматичен е примерот на Радовиш: во 2022 година имаше 208 првачиња, а оваа година-само 139. За три години, речиси 70 првачиња помалку. Овие бројки не се само статистика. Тие се приказни за затворени училници, за празни игралишта, за мали градови и села што полека се празнат. Веќе стара вест е дека селата се празнат, сега полека и градовите се празнат. Мораме да ја кажеме вистината: за жал не има сè помалку, и ова е колективна одговорност. Секој треба да преземе дел од оваа одговорност“ рече премиерот.

Затоа кажа тој, наталитетот е врвен национален приоритет и затоа на овој 8 Септември зборува многу отворено за ова. Кажа дека започнаа со реформи, го зголемија бројот на ин-витро процедури-од 3 во 6 и продолжуваат во иднина да ги поддржуваат младите семејства, да се помогне секое новородено дете, да се даде сигурност за родителите и иднина за нивните деца.

„Ова не е само прашање на економија, ова е прашање на опстанок. Прашање дали ќе нè има, кој да ја чува нашата историја, култура, иднина“ додаде Мицкоски.