Новата песна „Ми фалиш“ на македонско – српското дуо Стефанија & Владимир, е петта по ред композиција од нивниот албум, кој е во процес на создавање. Дуото е создадено во 2019та година. Начинот на презентација е автентичен, заради искреноста и оригиналноста која се пренесува од секојдневието кон уметноста.

Песната е преполна со емоции кои ги предизвикува секоја разделба помеѓу две битија. “Поетично обраќање за силните чувства кои ги буди осаменоста. Потреба на сетилата од физичко присуство, допир и топлина за комплетно надоплонување на празнината која се јавува во душата. Болката носи во нова димензија каде започнува духовната поврзаност. Мислите се во потрага по сплотеност, а срцето чука во ритамот на вистинската љубов“, велат музичарите и додаваат:
„Нашиот музички израз е рефлексија на нашето секојдневие. Сметаме дека со јасно изразување на чувствата и емоциите, имаме лек за надминување на сите потешкотии. Видеото на песната има апстрактна форма која ја пренесува состојбата на душата при таа разделба. Секој момент кога сме заедно, го користиме за создавање и снимање на музика“.
Досега имаат издадено 5 песни, на македонски, српски и англиски јазик: ,,Healer”, ,,Нешто”, ,,Од душата не ми бегаш”, ,,Snow” и ,,Ми фалиш”, а во процес на создавање се околу 25 песни.


















