ТЕРА

REKLAMA???

НАРОДНАТА КУЛТУРА И ГОДИНАВА ИНСПИРАЦИЈА ЗА ГОЛЕМ БРОЈ ДЕТСКИ ЦРТЕЖИ

Културата и традицијата по 47 пат беа мотив за цртежите на ученици од целата држава, како дел од изложбата под наслов „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, која беше отворена во Центарот за култура во Битола. Во рамките на изложбата се поместени 488 детски ликовни творби со различна тематика.

„Мојот професор често знаеше да каже дека за да бидеш добар уметник треба да го разбудиш детето во себе,она љубопитно дете кое се радува, набљудува, се инспирира од се што го опкружува, љуби без граници и ужива во игрите. Вистинска радост е да се изложат 50 колекции со 488 ликовни творби инспирирани од традицијата, а изработени од деца, затоа што детското око, поинаку гледа, твори со животна радост и затоа што во секое дете се крие по еден голем уметник, кој ние возрасните треба да го поттикнема да создава“, рече Маја Андоновска Илијевски, директор на Центар за култура-Битола.

Изложбата ја отвори претседателката на Советот на општина Битола Габриела Илиевска, која заедно со директорката на Центарот за култура им ги доделија наградите на најдобрите учесници.

„Битола е горда на голем број манифестации и настани кои како традиционални од година во година стануваат се побогати во содржини, но и се попривлечни за голем број учесници. И денешната 47 државна изложба, потврдува дека токму Битола, како град со богато културно наследство, продолжува да ја негува и промовира македонската култура и традиција, притоа посебно водејќи се од потребата, младите генерации да се запознаваат со традиционалните вредности, да учат за нивните специфики, а потоа да бидат и наши промотори во светот. Самиот факт, што на оваа изложба пристигнаа толкав голем број творби, говори дека уште од најрана возраст македонските обележја и нашата народна култура се голем мотив за творештвото на младите, со кои и како град и како држава сме препознатливи на светската културна мапа.Сакам да им честитам на добитниците на наградите на оваа изложба, но и на сите учесници кои преку својата ликовна експресија пренесуваат нешто многу важно од нашата историја. Секако честитки и до наставниците и менторите кои ги водат по патеката која е многу важна за зачувување на нашиот идентитет, а честитки и многу понатамошни успеси и за организаторот „Центар за култура“, кој на овој начин традиционално и во континуитет го одржува и развива токму она што е искажано и во насловот кој го носи изложбата: народната култура да биде трајна инспирација за творештво од најрана возраст“, истакна Илиевска.

Јавниот конкурс и изложбата се организираат со цел младите генерации да се напојат од богатиот народен вруток, за да можат да се инспирираат и да создаваат дела длабоко втемелени во дамарите на вековната културна традиција, а сепак осовременети и адекватни на времето во кое живеат, истакна м-р Валентин Соклевски, координатор на изложбата.

„Ова што годинава го направија творците е на многу високо ниво, гледано и од уметнички аспект а и гледано од аспект на етнологијата. Во рамките на изложбата се поместени 488 детски ликовни творби од различна тематика. Ние тука имаме можност да видиме секвенци, делови од обичаи, секвенци од разни сред-села, свадби… Тука можеме да најдеме инспирирани творби од разни ткаенини, од разни везови, од носиите на нивните баби и дедовци. Исто така имаме творби кои се инспирирани од архитектурата, од литературата, дури имаме и современ пристап на творештво, односно дел од децата фотографирале стари предмети, стари порти, стари објекти итн. Така што сметам дека ликовните педагози и дечињата навистина беа на нивото на задачата и ни направија една прекрасна изложба во која ќе ужива публиката како од Битола така и од цела држава“, рече Соклевски.

Со одлука на жири комисија, годинава специјална награда е доделена на ООУ „Димче Ангелов Габерот“ од Демир Капија, а награда за ликовна колекција и поединечни награди се доделени на повеќе училишта и ученици од државата.

Државната изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ е воспоставена во 1974 година и е најстара од овој вид во нашата држава, па и пошироко.