Што покажува старосната структура на кандидатските листи во Битола за престојните локални избори? Ако се анализира каде е местото на младите и за овие избори, статистичките податоци покажуваат дека младите се уште се борат за своите позиции.
Од над 500 кандидати во Битола повеќе од половината се постари од 36 години.
Најмладите кандидати во Битола се на возраст од 18 години. Нив ги има четворица. Девет од кандидатите се на возраст од 19 години. Седуммина имаат 20 години, четири 21 година, петмина 22 и со слична бројност се до 30 годишна возраст.
Односно, во категоријата млади до 29 години во Битола има околу 100 кандидати. Останатите 400 кандидати се постари од 30 години.
Најзастапена група на кандидати за советници во Битола се оние на возраст од 35 до 45 години. Следна по бројност е групата на возраст од 46 до 55 години.
Според податоците од Државната изборна комисија најстариот битолчанец кој ќе се бори за довербата на своите сограѓани има 97 години.
Досега повеќе пати се правени анализи за местото на младите на кандидатските листи односно во политиката. Во нив со години наназад се забележува дека иако младите луѓе сочинуваат голем дел од населението и се клучна алка за одржливоста на општеството, тие се најчесто диспропорционално вклучени во политичките тела кои ги претставуваат интересите на граѓаните. Отсуството на можности за квалитетен живот резултира со иселување, незадоволство и апатија, се вели во ваквите анализи кои сугерираат дека вклученоста на младите во политичките процеси е предуслов за подобрување на можностите за младите во земјата, а нивната претставеност во институциите кои ги претставуваат граѓаните е важна за нивната репрезентативност.
Дополнително положбата на младите може да се разгледува и од аспект на местото кое им се дава на кандидатските листи, односно дали им се даваат добитни места или служат само за декор и дополнување на листите.


















