Кина има 3.7 милиони квадратни милји земја која чека да биде истражена. Но, се повеќе и повеќе млади кинески патници избираат да ја видат својата земја од небото, пишува CNN.
Најновата од овие структури кои не се за слабокрвни е наречена Тианти (“Небесна скала”). Таа е долга 168 метри и се протега помеѓу два стрмни врвови на висина од 1.500 метри, според кинеските државни медиуми. Оваа атракција се наоѓа на планината Циѕинг во природниот парк Жангџијажие, во југозападна Кина, во провинцијата Хунан, позната по својата комплексна теренска структура и разновидни земјени форми.
Оваа патека за качување е во стилот на виа ферата, изградена на карпата на планината со челични заштитни огради, држачи за нозе, јажиња и кабли кои им овозможуваат на луѓето да се искачуваат по стрмните планински ѕидови.

„Нозете на видеото се мои, а тоа дете е мојот син,“ изјави Хе Цијан, чие видео за качувањето по Тианти стана вирално на Доујин, кинеската сестринска апликација на ТикТок.
Нејзиното видео, на кое ги покажуваше своите нозе на скалата и потоа полека се сврте кон нејзиниот деветгодишен син, кој мирно седеше на неа, собра стотици лајкови.
„Не бев нервозна, мојот син беше,“ изјави Хе за CNN, „но наскоро беше во ред.“
Хе Цијан управува со мал бизнис и помага за резервации за новата атракција. „Оние кои сакаат предизвик, го прават ова,“ додаде таа. „Им помагам на десетици луѓе да ги резервираат билетите, сите беа исплашени на почетокот.“
Тианти во Жангџијажие прима просечно повеќе од 1.200 туристи дневно, според државните медиуми таа стана толку популарна што дури и се случи „метеж на луѓе“ во воздухот.

Задоволството од атракцијата стана популарна тема на кинеските социјални медиуми, со видеа како она на Хе Цијан кои покажуваат спектакуларни POV (point of views ) кои привлекуваат десетици илјади лајкови и споделувања.
„Рацете ми се целосно потопени во пот,“ напиша еден коментатор под друго вирално видео.
„Не би пробал дури и ако некој ми даде 10 милиони,“ коментираше еден корисник на Доујин.
Јуан Сјаоруи, маркетинг супервизор на Qixing Adventure, компанијата која ја управува атракцијата на планината Циѕинг, за CNN изјави дека трочасовното искуство на вија ферата чини 580 јуани (80 долари).
„Целиот процес ќе биде придружуван од тренери,“ рече Јуан. „Клиентите ќе добијат кациги, безбедносни појаси и сета опрема што им е потребна.“
Јуан додаде дека целата област редовно се проверува и „сите проблеми што ќе се најдат ќе бидат веднаш решени“.
Бројот на луѓе кои учествуваат во надворешни спортови во Кина достигна над 400 милиони до август 2024 година, според националната телевизија.
Други атракции на голема висина во Кина покажуваат успешни резултати, вклучувајќи кафе на раб на провалија каде што цената на една чаша достигнува 56 долари, со погледи на Тајван, и најнеудобната продавница во светот која обезбедува залихи за планинарите ,додека тие висат од страната на планината во провинцијата Хунан.
Фото: принтскрин/CNN













