„Елегантни, мудри, шармантни, привлечни, допадливи, пријатели, особено пријателки… Здраво!Поздрав до сите присутни, оние коишто се оправдано отсутни во дискотека „Орфеј“ далечната 70-та година“,рече диџејот Славе Келешовски- Crazy.

Вака во 70- тите години ги поздравувал гостите во некогашниот клуб „Орфеј“ во Битола познатиот ди-џеј Славе Келешовски, познат како Славе Crazy. После неполни три години од првата ретро журка, годинава на 5- ти август во ноќниот клуб „Расчекор“ ќе се одржи втората. Ќе се потсетат на како што велат годините поминати во клубот „Орфеј“ кој бил симбол на младоста, дружбите и незаборавните журки на три генерации.

„Ќе го одбележиме постоењето на старата дискотека која беше затворена во 1989/90 година. Идејата дојде од неколкумина да се организира повторно диско музика, бидејќи поминати се три генерации од тие дискотеки, „Орфеј“, па Офицерскиот дом и Барот. Решивме да оформиме едно здружение, за да го организираме овај настан и за да се дружиме. Целта на оваа забава е да се дружиме старата генерација.Три генерации пораснавме низ овие дискотеки, со „Орфеј“ музиката, ју музика, итн. Поради пандемијата две години не ја правевме оваа журка. Првата журка беше во кафе барот „Порта Џез“ каде дојдоа луѓе коишто се немаа видено 20 години, се забавуваме со диско музиката, што незначи дека немаше млади коишто ја сакаат таа музика“, рече Драги Лажиовски -Брусли.

Ретро журката „Орфеј“ е за сите генарации кои пораснаа, а не ги заборавија забавите од младоста.Честа е голема да се биде домаќин на оваа журка, вели сопственикот на ноќниот клуб „Расчекор“ Марио Трифуновски и додава дека токму почетоците на „Расчекор“ биле поврзани со „Орфеј“.
„Ова е настан во кој генерациите коишто не излегуваат често во клубови и дискотеки да се забавуваат, ќе имаат прилика да се сетат на деновите кога биле млади во една енергија која е од времето и со музика од најдобриео диџеј Славе Келешовски да го почуствуваат филингот кој го имаа пред многу години. Очекувам од журката една емоција позитивна, еден склоп на луѓе, возрасни и млади кои сакаат да се видат, ова е културен настан, а од друга страна ова е емотивен и музички настан . Ова е настан каде музиката, културата и социјалниот момент ќе бидат во преден план. Се надевам декаа ќе има добар одзив. Јас сум поврзан со „Орфеј“, тука сум излегувал во дискотеката, практично и почетоците на самиот „Расчекор“ беа во „Орфеј“, па така имаме некаков спој со „Орфеј“ и со оваа музика и со ова време, и продлжи со „Расчекор“ до денеска“, рече Трифуновски.

На 20.01 далечната 1974 година почнал со работа првиот диско клуб во Битола „Орфеј“. Идејата за отворањето велат била на дваесеттина студенти делегати во клубот на студенти од вишите школи и Правниот факултет. Уште на почетокот посетеноста била голема па влезот се ограничувал, односно како што вели Лажиовски „влез само за парови“. Тоа се сеќава дека било зимата 1974 година, а наредната 1975 се отворил диско клуб во Офицерскиот дом и во Домот на културата. Во 1978 годинина диџејот Славе Crazy прв пат настапил во „Орфеј“, кога бил избран и за најдобар ди-џеј во државата.

„Тоа беше едно прекрасно место и после тоа пак имав настапи и мило ми е што сега во сеќавање на таа дискотека на овај прекрасен град Битола, којшто го посетувам со задоволство, и тие забави се незаборавни, и не само тие туку и сите забави што се организираа во „Орфеј“ , но исто така и на други места, сум настапувал. Музиката ќе биде ретро музика. Од ретро музиката се изведени многу нови хитови, коишто се сега популарни со некој ритам друг. 80% од музиката што сега се прави има основа од таа музика од 80-те години. Тогаш најважно беше што беше музика од плочи, не како сега, миксер, комјутер итн . Плоча е плоча. Плочи одевме да земаме од Италија, од Германија и тие плочи остануваат до ден денеска, после 50 години да ја пуштиш плочата работи, свири.“, рече ди-џеј Славе Келешовски Crazy.
Упатија повик до сите граѓани на како што рекоа незаборавна забава и дружба.

Уште еднаш да потсетиме дека втората ретро журка „Орфеј“ Битола ќе се одржи на 5-ти август во ноќниот клуб „Расчекор“ со почеток од 21 до 4 часот по полноќ. Седум часовна забава што не смее да се пропушти. Првата журка беше преубава…Да ја направиме оваа за паметење, велат тие.


















