Во Брисел се одржа средба меѓу службениот заменик-министер за транспорт и врски Бисер Минчев од бугарска страна, македонскиот државен секретар во Министерството за транспорт -Стефан Волкановски, директорот за железничка инфраструктура -Синиша Ивановски, како и претставници на Европската комисија, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Секретаријатот на Транспортната заедница.
Во официјалното соопштение на министерството за транспорт и врски стои дека единствен прифатлив услов на Македонија за реализација на пругата е ако Бугарија почне со проектирање на тунелска цевка, а двете земји заеднички извршат пробивање на тунелот. Иако моментално нема проект од Бугарија, постои подготвеност да започнат со изработка на проект кој би бил готов во 2026 година.
„Почна дијалог вчера во Брисел. Следно за две недели на 31 пак средба. Да видиме. Ние инсистираме на нашите позиции да има заеднички проект и да е изводлив проектот нормално да се разгледа цената, по оваа цена секако дека не можеме. Да видиме што ќе направиме. Јас сеуште сум против овој проект. Овој проект сигурно нема да се работи дали ќе работиме нов, ќе видиме“, изјави Николовски, министерот за транспорт и врски и вицепремиер.


















