Претпладне беше сончево со умерена облачност, од пладневните часови на повеќе места имаше појава на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Поизразена нестабилност имаше во околината на Делчево, Велес, Штип, Демир Хисар.
Во попладневните часови од север кон Скопската Котлина се спушти нестабилна облачна маса од која беше зафатено поширокото подрачје на Скопје со интензивни процеси со интензивен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и град. Интензивна нестабилност има и источно од Тетово.
И доцна попладнево во Скопско и Тетовско се уште нестабилно со интензивен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено во Тетовско. Нестабилноста до крајот на денот ќе се намалува и во вечерните и ноќните часови ќе биде претежно стабилно.
Утре променливо облачно, од пладневните часови нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.


















