ТЕРА

REKLAMA???

Ова се казните за сообраќајните прекршоци снимени од камерите на „Сејф сити“

Со стапувањето во сила на системот „Сејф сити“, согласно Законот за прекршоци и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, камерите автоматски ќе санкционираат четири конкретни сообраќајни прекршоци, за кои се утврдени јасни и фиксни казни.

Системот „Сејф сити“ ќе започне да се применува  од 1 февруари 2026 година при што во Македонија стапува на сила нов, значително построг начин на санкционирање на сообраќајните прекршоци.

За пречекорување на брзината, казните зависат од тоа за колку километри на час е надмината дозволената граница:

до 20 km/h над дозволеното: 20 евра во денарска противвредност;

од 20 до 30 km/h: 45 евра;

од 30 до 50 km/h: 300 евра, и забрана за управување со возило од 3 до 12 месеци;

над 50 km/h: 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување најмалку 12 месеци.

Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.

За минување на црвено светло, системот автоматски изрекува:

250 евра парична казна;

забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци.

Доколку прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода, следува и кривична одговорност.

За управување со возило со истечена сообраќајна дозвола:

100 евра казна за возачот;

250 евра казна за сопственикот на возилото, доколку е друго лице.

Овој прекршок се регистрира автоматски преку поврзување на системот со регистрите на МВР.

За непрописно паркирање или запирање на забрането место:

30 евра казна за стандардни прекршоци;

45 евра казна доколку возилото го попречува сообраќајот;

50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.

Во случаи каде што возилото претставува ризик, следува и подигнување со пајак-служба, со дополнителни трошоци.

Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа 50 проценти од износот. По истекот на рокот, казната се наплатува во целост, со можност за присилна наплата.

Возач кој ќе добие три забрани за управување во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано по една година.

Со системот „Сејф сити“ наместо класични полициски контроли, казните ќе се изрекуваат автоматски, врз основа на видео и електронски докази собрани преку камерите и сензорите на системот „Безбеден град“.