Ако зборувате на мобилен телефон додека минувате на пешачки премин тоа од денес може да ве чини 40 евра. Десет евра повеќе, односно вкупно 50 може да бидете казнети ако зборувате на мобилен телефон додека возите.
Ова се казните предвидени согласно со новите сообраќајни правила кои стапија на сила денес.
Станува збор за измените во Законот за безбедност во сообраќајот кои стартуваат од 26 септември.
Законот вели дека коога пешакот се движи по коловоз, преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, тој е должен да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, паметен часовник или друг вид електронски уред, со кои би му се намалило вниманието додека ги преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента. Целта е да не биде загрозена безбедноста во сообраќајот, ниту за пешаците, ниту за возачите. Употребата на телефони, слушалки и електронски уреди го намалува вниманието кај корисникот со што практично тој станува фактор кој ја загрозува и својата и туѓата безбедност во сообраќајот.
Но законските норми не важат само за пешаците. Од сега повеќе ќе мора да внимаваат и велосипедистите, како и за возачите на трактор, мотор и на тротинет. Доколку за време на возењето на овие превозни средства користат електронски уреди казната за ваков прекршок изнесува 50 евра.
Законот прецизно наведува дека возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и на четирицикл, во текот на управувањето со возилото, не смее да користи електронски уреди како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред, со кои би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација што се вградени во заштитните шлемови. Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, согласно со одредбите од овој Закон, на возачот што постапува спротивно на законските одредби.
Во Пелагонија нема видео надзор кој би можел да евидентира вакви прекршоци, но за оние кои патуваат во Скопје добро е да знаат и дека е најавено дека од Нова година ќе се применува и системот „Безбеден град (Сејф сити)“, кој со видеонадзор ќе открива сообраќајни прекршоци. За тоа секако е потребно да се усвои и Законот за прекршоци, кој претходно треба да се разгледа и во Собранието.
ОД ДЕНЕС 40 ЕВРА КАЗНА АКО МИНУВАТЕ НА ПЕШАЧКИ И ЗБОРУВАТЕ НА МОБИЛЕН
