ТЕРА

REKLAMA???

ОД УТРЕ ШТРАЈК ВО УЧИЛИШТАТА И ГРАДИНКИТЕ

Штрајкот на членовите на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) ќе се одржи утре. Наставниците ќе престојуваат во заеднички простории договорени со директорите на школите и градинките и нема да извршуваат воспитно-образовни и згрижувачки активности.

Штрајкот ќе трае додека не се изнајде соодветно решение, информираше денеска на прес конференција претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

„Никој нема право да ги присилува штрајкувачите да згрижуваат и да воспитуваат деца. За жал дејноста е таква каде што некој може поинаку да го протолкува ова, но реалноста е таа и тоа е процесот на штрајкување во овие дејности“ порача Неделков.

Неделков рече дека согласно одлуката за штрајкот освен наставата ќе бидат одложени и сите наставнички совети, родителски средби, полагање на државни испити и се што е поврзано со штрајкувачите во образовната дејност.

Синдикатот се пожали и на притисоци врз вработените.

„Во последниот период зачестија притисоците најмногу врз вработените во детските градинки. Се принудуваат сите да бидат на своите работни места и да функционираат и да работат како да нема штрајк. Имено одлуката на СОНК е донесена едногласно и таа е извршна без разлика дали некој поединечно гласал за односно против поддршка за штрајкот, одлуката едногласна и секој мора да штрајкува“, рече Неделков.

Од СОНК порачаа дека секое оневозможување на штрајкот е казниво по закон.

„Директорите да не си играат со штрајкувачите ќе бидат поднесени кривични пријави против нив за попречување на штрајк, за што е предвидено парична казна или казна затвор во рок од една година “, рече адвокатката на СОНК, Верица Ристова.

Синдикатот апелира до Владата што побрзо да ги повика на преговори и да се изнајде заемно прифатливо решение, во спротивно велат целата одговорност ќе падне на Владата и ресорните министерства, а единствен виновник зошто учениците нема да имаат основно загарантирано право на образование ќе бидат надлежните и како што велат – нивниот игнорантски однос, поради тоа што не ги исполнија барањата за решавање на овој проблем.