На свечената академија по повод 4-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, градоначалникот Тони Коњановски рече дека јa празнуваме нашата слобода, со почит и грижа кон минатото, гледајќи кон иднината и се она што можеме да го направиме ние за подобар живот на генерациите кои живеат денес на овие простори, а ќе продолжат да создаваат и после нас.
„ Кога градот одбележува 79 години од ослободувањето, исправени сме пред нови предизвици на сегашноста, кои не смеат да ни го земат споменот на минатото. Не смееме да ги заборавиме историските влијанија кои на Балканот се ширеле токму од Битола, улогата во сите турбуленти времиња на војни. Токму ваквите сеќавања, секогаш треба и мора да бидат мотив за градење на иднината.

Веќе две години, како локална самоуправа работиме на тоа да ги подоброме условите за живот на сите наши сограѓани, сеедно дали живеат во градот или во руралните средини.
Инфраструктурата е и натаму најгорливиот проблем, но во изминатите 2 години ја подобривме патната и подземната инфраструктура која опфаќа водовод и канализација, за 20 километри. Тоа се 20 километри помали или поголеми улици, краци на улици, кои се важен крвоток за нормалното функционирање на нашите сограѓани и иако се дел од тековната работа на општината, дел од нив со децении останале недопрени.
Зад нас, во годината што ја оставаме, реализиравме голем број проекти, за кои тековно информираме, не за да се пофалиме, туку транспарентно и одговорно да покажеме како се инвестираат парите на граѓаните за доброто на Битола. Тоа е наш заеднички придонес: мој и на сите битолчани.
Тоа што би сакал посебно да го истакнам е дека не застануваме, туку напротив продолжувамесо 52 нови проекти, кои што се подготвени за реализација, од кои 8 се во постапка за јавна набавка.
Ќе напоменам само неколку позначајни, во кои се Колекторскиот систем и пречистителната станица во Националниот парк Пелистер, Реконструкцијата на една делница од булеварот 1 Мај, улица Бурса и други.

Новата зграда на Територијална противпожарна единица е пред одобрување за градба.
Изработени се голем број на стратешки документи, дел од нив по пауза од многу години, а се многу значајни заработењетонаопштината, занејзинитеправци, насоки и можностизадонации и аплицирањенапроекти.
Градот постојано го надоградуваме со хортикултурни и партерни решенија, убаво уредени простори и игралишта за најмладите.
Паркот во Нова Битола веќе го има видливиот напредок.
Продолживме со континуирана поддршка на професионалниот спорт, спортските здруженија, индивидуалните спортисти и училишниот спорт, со што и натаму општината дава поттик за спортски напредок и постигнување на високи резултати.
Имаме година на успеси во ракометот, во која Лигата на шампиони се врати во спорската сала „Боро Чурлевски“, благодарние на нашиот првак Пелистер-Еурофарм.
Тоа значеше и адаптирање на салата по современи европски стандарди, внатрешни реконструкции, обновувања и адаптации.
И официјално почнува со работа и реконструираниот паркинг простор кај спортската сала, кој после 5 децении, го доби изгледот кој и доликува на европска ракометна Битола, со соодветно обележување и осветлување. Тоа е еден од проектите кои се стремат кон достигнување на високите вредности, кон каде целиме и со изградбата на велосипедските патеки, по примерот на европските градови за што и обезбедивме финансиски средства од Европската унија.
Останува на нас мудро да ја избереме европската вело иднина на градот.
Големиот предизвик на економската и енергетска криза од минатата година, ни даде поттик за зголемени активности на проекти за подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти, а паралелно поддржуваме и инвестиции во енергетска ефикасност на станбените заедници за колективно домување. Поставени се фотоволтаици на подрачното основно училиште Даме Груев во с. Долно Оризари, а наскоро очекуваме фотоволтаици на уште три средни училишта во градот. Влегуваме и во проектот „ЕУ за чист воздух“, со кој покрај засадување на садници, ќе имаме промена на системите за греење во три јавни објекти.
Преку програмата за социјална заштита реализираме повеќе активности за поддршка на лицата кои се соочуваат со одредена попреченост.
Продолжуваме да ги консултираме нашите граѓани во креирањето на општинските програми со активно вклучување во буџетски форуми, консултации, отворени денови, јавни повици. На овој начин продолжуваме да ја зацврстуваме позицијата на нашата општина на врвот на транспарентноста во споредба со останатите општини, да ја јакнеме наша отчетност и да останеме отворени за секој предлог и секоја потреба на нашите граѓани.
Со стратешко планирање, настојуваме да подготвиме и реализираме проекти за младите и економскиот развој на општината.
Националниот парк Пелистер е наше богатство, неоткинлив дел од срцата на сите битолчани. Ако минатата година го најавивме како атракција, која што треба да го зголеми развојот на туристичкиот капацитет, годинава веќе е во завршна фаза авантуристичкиот парк, за кој општината обезбеди финансиска поддршка за дополнување на содржините.
Битола е град на културата. По тој епитет е позната не само во државата, туку и надвор од неа. Како локална самоуправа, ја воведовме Зимската приказна и новиот концепт на Битолското културно лето, настани кои што граѓаните ги прифатија со огромно задоволство, а тоа го докажаа преку огромниот број посетители на настаните, што особено позитивно влијае и врз локалната економија.
Посакувам, до следниот 4 Ноември, кога ќе одбележиме заеднички голем јубилеј од 80 години од ослободувањето, да зборуваме за големи заеднички успеси, големи дела, проекти, резултати, со кои ќе се гордееме на градот и ќе ги зачуваме нашите деца покрај нас во поубава средина. Посакувам до следниот 4 Ноември да се надминат сите недоразбирања кои што ги имавме годинава со различни политички субјекти и сите заедно да ги реализираме нашите заеднички предизвици и проекти за поубаво утре.
И пред самиот крај на оваа година, се завршуваат улици, се уредуваат јавни површини, училишта, се градат и адаптираат детски градинки, се поттикнува младинското учество во сите сфери на општественото живеење.
Во градот на првите сниматели на Балканот, културата продолжува да биде на врвот на приоритетите, а низ културните настани и натаму го вреднуваме придонесот на секој поединец кој посветил дел од своето драгоцено време за Битола. Сите заедно можеме да направиме многу повеќе, отколку секој од нас засебно“ рече Коњановски.













