В среда пред битолските советници ќе се најде заедничката иницијатива на градоначалникот Тони Коњанови и претседателката на Совет Габриела Илиевска, иницијатива со која, пензионерите од Битола, ќе добијат можност за бесплатно користење на јавниот превоз, два пати неделно, во вторник и петок. Дел од пензионерите кои ги анкетиравме ја поздравија ваквата иницијатива.

Од општината вчера информираа дека иницијативата претставува една од мерките кои треба да стимулираат поголемо користење на јавниот превоз во пазарните денови во кои раздвиженоста на овие наши сограѓани е најголема, а дел од нив користат превоз и од поодалечените населби и рурални места. Ваквата мерка, покрај бенефит за пензионерите, се очекува да влијае и на намалување на аерозгадувањето и зголемена употреба на јавниот превоз, како начин на движење низ битолските улици. Пензионерите побараа и автобуски превоз во недела.

Одлуката се очекува да стапи на сила, во месец април, по усвојувањето на иницијативата од страна на Советот на општина Битола.













