КИЦ. Битола во соработка со Центарот за психотерапија и едукација Амигдала – Скопје и Алтернативниот театар „Отпишани“, во Офицерскиот дом Битола го претставија социо – културниот настан Playback театар. Се работи за оригинална форма на театар на импровизација, во која публиката е таа што ја раскажува приказната, а актерите преку специфични техники ги развиваат и засилуваат раскажаните приказни, враќајќи им ги на гледачите како во огледало.
Едукатор и водител на настанот беше психологот Мирјана Јовановска Стојановска, продуцент е Марјан Анѓеловски, учествуваа актерите Огнен Велевски, Јасмин Рамани, Ристе Мицевски, Ивана Стамевска, Марина Пазаркоска и Марјан Анѓеловски.

Настанот е интерактивен , актерите и публиката заедно креираат „сигурно место“ каде што ќе можат да бидат раскажани/донесени доживувања, преживувања, дилеми, размислувања, настани и се што членовите на публиката ќе го донесат со себе. Водачот на актерската група ја повикува публиката да раскажува свои приказни.
Актерите тоа го одигруваат на сцената овозможувајќи на раскажувачот на приказната и на публиката да отворат нови хоризонти на гледање и доживување на раскажаната приказна. На раскажувачот ова му овозможува да може да се види себе си, своите доживувања, емоции и однесување од страна што му овозможува да гради нови стратегии за справување со животот.


















