ТЕРА

REKLAMA???

ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ И ИЗМАМИ СО НАБАВКИТЕ ВО РЕК БИТОЛА

Основното јавно обвинителство Битола по спроведена истражна постапка, поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во РЕК „Битола“, соопшти денеска прес-службата на Јавното обвинителство.

Оттаму инфирмираат дека во текот на 2023 година, петмина од обвинетите, како службени лица – директори и раководители на подружници во РЕК „Битола“, вклучувајќи го и директорот на Комбинатот, вршеле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Тие заедно не ја извршиле својата службена должност за законито и совесно постапување и ги повредиле начелата на економичност, ефикасност, ефективност, сразмерност и конкурентност предвидени во Законот за јавни набавки. Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка за јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј” во рудниците на РЕК „Битола“, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК. Имено, поради неправилната форма на површинскиот коп и поради малиот век на експлоатација (околу 14 години) во рудникот Живојно не е предвидена примена на методата за откопување со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти) какви што биле дислоцираните погонски станици од Осломеј, стои во соопштението.

Обвинетите, дополнува ЈО, го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка, а минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи само едно правно лице. Со тоа и овозможиле на обвинетата компанија да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 90.000.000 денари без ДДВ (106.200.000 денари со вклучен ДДВ).

ЈО наведува дека првообвинетиот сопственик на фирмата, двајца вработени и правното лице се товарат за кривично дело – Злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство од член 275-в, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК „Битола“.

Незавршената обврска, појаснува Обвинителството, ја наплаќале врз основа на невистинитата документација со што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од големи размери. Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК „Битола“, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК „Битола“ да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело-Измама во службата од член 355 став 3 од Кривичниот законик.