Франција повторно се соочува со политичка криза откако новата влада на Себастијан Лекорну падна помалку од 24 часа по преземањето на функцијата, испраќајќи нервоза на пазарите и отворајќи ја можноста за нови избори што би можеле да ја зајакнат крајната десница.
Овие настани доаѓаат во време кога Европа веќе се соочува со низа предизвици, војната во Украина, притисоците на американскиот претседател Доналд Трамп врз меѓународната трговија и растот на популистичките сили, па затоа постои страв дека целата економија на еврозоната наскоро би можела да биде загрозена, пишува Политико.
Загриженоста расте во Брисел и другите европски престолнини, каде што официјалните лица предупредуваат дека авторитетот на претседателот Емануел Макрон на меѓународната сцена, особено во однос на Украина и Газа, би можел сериозно да ослабне.
Некои проценуваат дека нестабилноста во втората по големина економија во еврозоната би можела да го загрози целиот блок.
„Франција е премногу голема за да пропадне. Оваа политичка нестабилност ја загрозува целата еврозона“, изјави дипломат од ЕУ под услов да остане анонимен, според Политико.
Како што се нагласува во статијата, Франција е втора најголема економија во Европската Унија, водечки играч во Г7, единствената нуклеарна сила на ЕУ и постојана членка на Советот за безбедност на ООН.
Подеднакво важно е што под водство на Макрон, оваа политичка сила, која е и еден од клучните актери во обликувањето на европските политики, можеше да се спореди само со Германија.
МИА