Од 11.30 часот населението од населбата Баир од Битола денеска протестираа пред влезот во зградата на битолската полиција. Скандираа „Нема правда нема мир“ и „Стоп за новиот закон“, носеа транспарент испишан со пораката „Сакаме правда за сиромаштијата без возачка“. Со автомобил го блокираа булеварот од страната на Шехерезада и се задржаа тука неколку часа.

Од 1 февруари годинава на сила се измените на Кривичниот законик со кои се одзема моторното возило од лица кои управуваат без стекнато право на возачка дозвола и тоа под услов да е во негова сопственост. Тоа е поводот за протестот кој започна синоќа откако на неколкумина жители на населбата им беа одземени возила при рутинска контрола на сообраќајната полиција.

Иако денеска на протестот беа само млади луѓе, тие се обединети во ставот дека треба да им се дозволи инаков начин на стекнување со дозвола заради нивниот социјален статус. Од Битола упатија порака до претседателката Силјановска, премиерот Мицковски и министерот за внатрешни работи Тошкоски овие измени на кривичниот законик да бидат повлечени.

Измените во Кривичниот законик за ова население претставуваат вистински проблем. Некои од сопствениците на возила кои се без возачка дозвола, заради сопствеништвото на автомобил останале без социјалната помош од државата.


Новите правила важат за сите видови моторни возила – патнички автомобили, мотоцикли, скутери и други моторизирани превозни средства и освен прекршочна предвидуваат и кривична одговорност и кога сопственик на возилото е трето лице доколку се утврди дека сопственикот знаел или бил должен да знае дека лицето што управувало немало возачка дозвола.

Според познавачите, ваквата санкција е една од најстрогите санкции во сообраќајот.


















