Во август 2025 година просечната месечна исплатена нето-плата во Македонија изнесувала 45.310 денари, соопштија од Државниот завод за статистика. Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен за истиот месец е 68.180 денари.
Оттаму додаваат дека во август 2025 година, во споредба со август 2024 година, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е повисока за 10,3 %.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: дејности на здравствена и социјална заштита за 14,6 %, образование за 14,5 % и административни и помошни услужни дејности за 14,1 %. Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во споредба со претходниот месец, е забележано во секторите: уметност, забава и рекреација за 5,2 %, објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 4,7 % и рударство и вадење камен за 4,5 % – стои во соопштението.
Но, каде се македонските плати ако се направат споредби во регионот.
Официјалните податоци покажуваат дека просечните плати во земјите од регионот се движат од 740 до 1.444 евра.
Најдобро со плати стојат Хрватите. Во Хрватска просечната нето плата исплатена во јуни годинава изнесува 1.444 евра.
Со висината на просечната плата Црна Гора ја држи втората позиција во регионот. Таму, просечната нето плата без даноци и придонеси во август изнесуваше 1.015 евра, што е значително над просекот на соседните земји.
Во Србија просечната плата изнесува 932 евра, во Босна и Херцеговина 797 евра, додека во Република Српска достигна 782 евра во јуни.
Оттука, Македонија заедно со Босна и Херцеговина со најниски просечни плати во регионот се наоѓаат на дното на скалата.
ПРОСЕЧНИТЕ ПЛАТИ ВО РЕГИОНОТ ПОВИСОКИ ОД МАКЕДОНСКИОТ ПРОСЕК



















