Предизборната кампања започна од синоќа на полноќ. Во наредните околу 19 дена политичарите ќе бидат секаде околу нас. Што тие ќе ни кажуваат. Дилемата која денеска ја отвораме е следната:
Што очекувате дека ќе понудат кандидатите на изборите?
-идеи
-реални и остварливи проекти
-само критики
-ништо, ќе трчат по гласови
Ова е анкетното прашање на нашиот веб портал, а што треба да очекуваат граѓаните е нашето прашање и до универзитетскиот професор Владимир Божиновски.
„Пред се треба да очекуваат повеќе работи, не може да се ограничиме на една. Значи треба да има реални проекти кои што од една страна ќе бидат остварливи, од друга страна треба да има идеи, визии за развој на општината, особено за поголемите општини и градски центри. Значи не можеме да се ограничиме само на една работа. Едноставно, потребно е да се решат одредени проблеми, но потребно е да се даде и едена подолгорочна визија која би требало да се имплементира за развој на одредена општина“ вели Божиновски.
А, пред да започне кампњата, кандидатите осум на број за прв човек на Битола на своите социјални мрежи се фотографираа или правеа видеа од тоалети, од ѓубришта, па како одат од институција во институција, ни кажаа и за средбите со граѓаните што ги имале, некои и со информација од странство, други покрај река за канализацијата, некои и со пензионерите.
Дали од нив граѓаните тоа треба да го очекуваат?
„Сепак градоначалниците по дифолт се менаџери, односно треба да бидат менаџери на општините. И вие добро е да ги потенцирате пропустите кои што можеби ги има и проблемите со кои што се соочува одредена општина, но мора да дадете и решенија за истите. Всушност улогата, работата на градоначалникот се оценува според тоа колку им го олеснува животот на граѓаните во општината, со колку проблеми успеал да се справи, со кои проблеми има намера во следниот мандат да се справи и врз основа на тоа самите граѓаните одлучуваат за тоа за кого ќе ја дадат својата поддршка“ вели универзитетскиот професор.
Дали понудата и побарувачката ќе се сретнат, ќе се разминат или ќе се судрат.