Недостатокот на стручен кадар, просторни и други услови ја ограничува функционалноста и искористеноста на современата медицинска опрема вредна 18,6 милиони евра, покажува конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност на тема „Искористеност на современата медицинска опрема“, што денеска го објави Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Во извештајот се вели дека иако во изминатите три години е постигнат напредок во регионалната распределба на современата медицинска опрема и зголемување на бројот на здравствени услуги, дел од опремата сè уште не е ставена во употреба или не се користи доволно, главно поради недостиг на стручен кадар и соодветни просторни услови, што влијае врз достапноста и квалитетот на здравствената заштита на граѓаните на ниво на целата држава.
Со ревизијата беше опфатенa современата медицинска опрема со најголема набавна вредност и со најизразена потреба и интерес за услугите со истата, како што се:
- компјутерска томографија (КТ),
- ангиографи,
- акцелератори,
- мамографија со томосинтеза и стереотакса,
- позитронско – емисиона томографија во комбинација со компјутерска томографија (ПЕТ/КТ) и
- апарат за роботска рехабилитација.
Исто така, беа анализирани и политиките и преземените активности за набавка, ставање во употреба и користење на медицинската опрема во периодот од 2021 година до 2023 година, а одредени прашања и настани се опфатени пред и по овој временски опфат.
Анализата на снабденоста со современа медицинска опрема по градови покажува дека во изминатите три години е постигнат напредок во обезбедувањето на регионална распределеност на новата опрема во јавното здравство, како и во зголемувањето на вкупниот број здравствени услуги.

Сепак, дел од опремата сè уште не е ставена во употреба или не се користи во доволна мера, главно поради недостиг на човечки ресурси и/или необезбедени просторни и други услови. Поради тоа, за одредени услуги и натаму не е обезбедена соодветна регионална достапност и задоволување на потребите на населението за здравствена заштита.
Во анализираниот период 2021-2023 година за потребите на ЈЗУ набавена е медицинска опрема во вкупна вредност од 16,2 милиони евра финансирана со буџетски средства, средства од заем и донација.

На ниво на држава во јавното здравство обезбедени се вкупно 9 линеарни акцелератори за 4 ЈЗУ со вкупна набавна вредност од 21,8 милиони евра за вршење радиотераписки услуги за пациенти со малигни заболувања.
До денот на ревизијата 5 акцелератори не се ставени во употреба и тоа:
- 2 на Клиниката за радиотерапија и онкологија,
- 2 во Клиничките болници во Штип и Битола и
- 1 во Градската општа болница 8-ми Септември во Скопје, иако 3 од нив се инсталирани пред повеќе години.

На ниво на држава 9 ЈЗУ располагаат со 18 ангиографи ставени во употреба со вкупна набавна вредност од 12,9 милиони евра, од кои 10 се набавени во периодот од 2021 до 2023 година. Иако бројот на извршени услуги со ангиограф се зголемил за 68% во 2023 година во споредба со 2021 година, утврден е незадоволителен степен на искористеност на дел од овие уреди, најчесто поради недостаток на стручен кадар и необезбедени просторни услови, како и поради отсуство на клинички патеки за вршење на овој вид услуги.

Во јавното здравство има 30 компјутерски томографи (КТ) уреди во 22 ЈЗУ, а во рамки на ревизијата се опфатени 11 ЈЗУ кои располагаат со 19 КТ уреди со вкупна набавна вредност од 14,5 милиони евра.
Со извршената анализа на добиените податоци од ЈЗУ, регистарот на медицинска опрема и Мој Термин, утврдено е дека побарувачката за КТ услуги е во постојан пораст. За дел од ЈЗУ, КТ уредите се користат со полн капацитет, но половина од нив се целосно амортизирани, што води до зголемени трошоци за одржување и чести дефекти, како што е случајот со КТ уредот во болницата во Струмица кој не функционираше речиси цела 2024 година.
Во поглед на објавувањето слободни термини за КТ услуги, само 3 од 22 ЈЗУ објавуваат број на термини кој е блиску до пропишаното, додека во 10 ЈЗУ термини се објавуваат значајно под пропишаните норми.

Во текот на 2023 година, за потребите на јавното здравство за прв пат се набавени 4 мамографи со томосинтеза и стереотакса во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Овие мамографи се инсталирани во 4 ЈЗУ и истите во редовни термини се употребуваат само за примарната намена – дигитална мамографија, но не и за дополнителните функционалности, томосинтеза и стереотакса, кои се користат само при спроведување на националниот скрининг за рак на дојка.
Со ревизијата е утврдено дека постојат значајни разлики во евиденциите за извршените услуги помеѓу ЈЗУ, Мој Термин и Фондот, што има за ефект нереални податоци за услугите во Мој Термин, помалку прикажани услуги кон Фондот и ненаплатена партиципација од страна на ЈЗУ во износ од најмалку 247 илјади евра. Ваквата состојба се должи на нецелосно евидентирање на услугите од страна на ЈЗУ во Мој Термин како единствен национален систем за евиденции во здравството. Во услови на невоспоставени листи на чекање за подолг период, отсуствуваат податоци за реалната побарувачка на услуги, а поради неусогласени евиденции за извршените услуги во ЈЗУ, Мој Термин и системот на Фондот, не може да се утврди ниту точниот број на извршени здравствени услуги.

За надминување на наведените состојби дадени се препораки за преземање мерки од надлежните институции, со цел отстранување на причините за утврдените состојби, подобрување на искористеноста на медицинската опрема и зголемување на достапноста до здравствените услуги од страна на граѓаните.


















