Општина Ресен ги повика граѓаните кои имаат штета предизвикана од природна непогода, односно поплава на објекти, предмети и добра во домаќинството, а која се случи минатиот месец, да ги пријават во просториите на локалната самопуправа.
На крајот на ноември Преспа беше погодена од големи поплави од обем каков што локалното население вели дека не се случил цели 40 години. Како последица на напливот на водите тогаш во Преспа беа поплавени земјоделски површини и дворови, магацини и приземни простории. Сето ова предизвика големи материјални штети кај локалните земјоделци и воопшто кај месното население.
Сега тие штети треба да се пријават. Барањето за пријавување на штета се добива во Општина Ресен, а секој барател има обврска да достави придружна документација поврзана со имотот, видот на објектите и добра во домаќинството.
Со поплавите во Преспа најпогодени беа населените места Царев Двор и Дрмени, каде се излеаја Голема Река и Царедворска Река, а водата навлезе и во куќите на локалното население.
Општина Ресен со цел да се спречат заразни болести и во соработка со надлежните институции изврши дезинфекција на улиците со хлор, а ќе следи и обесштетување на граѓаните кои штетите од поплавите треба да ги пријават најдоцна до 26 декември.

















