На платото пред Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ во старата битолска чаршија, свечено беше отворена 44-та Светска детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“.

Во рамките на колонијата ќе учествуваат 150 гости – ученици, професори и родители од 18 делегации од 17 земји, меѓу кои се: Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Индија, Израел, Малезија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Русија и региони од Турција (Трабзон и Кајсери).

Своето отсуство оправдано го најавија делегациите од Кина, Јапонија и Португалија.

На свеченото отворање беа доделени и награди за професори и училишта за 2024–2025.
Награда „Мал Битолски Монмартр“ за поддршка и развој на младите таленти (2025):
Професор Miodrag Vukchevich – Црна Гора
Професор Meral Ilgun – Турција
Професор Jannette Kubalova – Словачка
Награда „Професор Светлана Вешиќ – Ралевиќ“ за извонреден педагошки пристап (2024–2025):
Професор Ivana Chondrich – Ribichich – SSH „Ivan Goran Kovachich“ Кисељак, Босна и Херцеговина
Награда „Професор Коста Хаџи-Антоновски“ за глобална промоција на младинската ликовна уметност (2024–2025):
Професор Ruzmira Beqiraj Bejaj – „Национален културен центар за деца“, Тирана – Албанија
Награда „Бисер на уметноста“ за индивидуален уметнички напредок (2024–2025):
Lena Pavkovich – Ликовно ателје „Artino“, Белград – Србија
Специјална награда „Златна четка“ за извонредна колекција (2024–2025):
“Simply Art” – Хонг Конг, Кина
“Yeow Chye Art Studio” – Ayer Itam, Малезија
“Hobby Centre For Art” – Ахмедабад, Индија
Специјална награда „Чувар на наследството на Коста“ за исклучителен придонес (2024–2025):
Ликовен уметник Maria Dima – Букурешт – Романија
Специјална награда „Проф. д-р Богомил Карлаварис“ за животно дело (2024–2025):
професор Shirley Siegal – Lapid – Израел
Гран При 2025 – за најдобра школа и најдобра колекција:
професор Veysel Acar – „Veysel Acar Atolyesi“ – Трабзон, Турција

„Мал Битолски Монмартр“ уште еднаш ја потврдува Битола како центар на детската ликовна уметност во светски рамки.

Признанија „Мал Битолски Монмартр“ за поддршка на манифестацијата беа доделени на Општина Битола – градоначалникот Тони Коњановски, на министерствата за култура на Македонија и Бугарија, на министерство за надворешни работи на Бугарија, како и на Бранко Роглиќ – Хрватска и Милен Врабевски – Бугарија.

На отворањето присуствуваа амбасадорите на Јапонија, Бугарија и Чешка, аташето за култура од Амбасадата на Турција, како и претставници од почесниот конзулат на Црна Гора.

Колонијата ќе трае до 30 мај и ќе опфати креативно сликање на староградската битолска архитектура, како и еднодневни ликовни посети на Охрид и манастирот Свети Јован Бигорски.

За 43-та Светска детска ликовна изложба по конкурсот „Битола 2025“, годинава пристигнаа рекордни 80.000 детски творби на слободна тема од деца и млади од 4 до 21 година, испратени од над 800 училишта и младински центри од 85 земји. На конкурсот беа доделени 15 награди за најдобри колекции, 177 Златни палети и 223 дипломи за талентирани ученици, како и 21 покана за учество на делегации на колонијата.

Во рамки на Монмартр ќе бидат реализирани и неколку изложби. Ќе биде отворена главната изложба со наградени дела со Златна палета од конкурсот, на која се претставени 1.555 деца од целиот свет. Дополнително, на 26 мај во Магазата ќе бидат изложени дела на уметниците Вејсел Аџар од Турција и Мариа Дима од Романија. На 29 мај во Офицерски дом ќе се отвори изложба со дела од минатогодишното издание, посветена на истиот објект, кој веќе четврта година по ред се слика во рамки на Монмартр.

























