На Стадионот на АРМ во Скопје во петок, 7 јули, ќе се одржи културно музичкиот фестивал Skopje Calling 2023. Како што најавија од Авалон Продукција, на фестивалот ќе настапат Нина Кравиц, Лајбах, Констракта и Земја Грува, Буч Кесиди, и „Nipplepipple“.
На прес-конференцијата сопственикот на Авалон Продукција, Бобан Милошески, истакна дека продукциски фестивалот се предвидува да биде на највисоко светско ниво.

На новинарско прашање зошто македонски уметници нема да настапат на фестивалот, Милошески рече дека причината е единствено од технички аспект, односно немало простор за повеќе изведувачи.
„ Беше планирано фестивалот да биде поделен во два дена. Сите овие изведувачи беа „букирани“ и требаше да има уште еден регионален изведувач и уште два или три македонски изведувачи. Се случи тројца изведувачи да не можат да се поделат во два дена, и во оној момент кога се одлучи фестивалот да биде во еден ден, навистина немаше простор за други изведувачи. Технички работите излегоа од контрола, и само поради тоа нема македонски изведувачи. Нема физички кај да ги сместиме“, рече Милошески.


















