Викендов се одржа Д Фестивалот, најголемиот летен музички фестивал во земјава кој по тринаесетти пат се одржа во Дојран. Најпопуларниот фестивал на нашите простори во организација на „Пасворд продукција“, годинава го имаше своето најдобро издание досега, кое беше збогатено со голем број различни зони за посетителите, како и со бројни изложби, перформанси, кино, театар, беше домаќин на илјадници најпозитивни фестивалски луѓе здружени преку музиката и славењето на уметностите, мирот, слободата и заедништвото. Повеќе од 300 учесници беа дел во музичката и дополнителната програма.

Д Фестивалот беше домаќин на повеќе од 50 светски, регионални и домашни изведувачи кои настапија на пет фестивалски бини и кои ја гарантираа совршената фестивалска атмосфера во Дојран. На официјалното отварање настапија светските легенди на треш-метал музиката „Креатор“ од Германија, шпанската псај-техно хероина Индира Паганото, британскиот драм енд бејс гигант Рони Сајз, како и врвните претставници на домашната сцена „Фолтин“, Галоски, Страјк, ЛД Пистолеро, диџеј Гоце и Ронин. Првиот фестивалски ден ги претстави и концертите на „Фулу Мизики“, „Даикаиџу“, „КОИКОИ“, Ива Лоренс, Беседа, „Максимус Вандал“, „Алис ин Вондербенд“, „Ленхарт Тејпс“, „Хајпертек“, Дарко Степиќ, Ермилова и Настасја Киш.

Со силно темпо продолжи и вториот ден, кога еуфоријата на публиката ја одржуваше планетарниот хит-мејкер „Сигала“, домашниот музички гениј Кирил Џајковски, алтернативните „С.А.Р.С.“, фантастичниот стонер рок бенд „1000модс“ и техно принцезата „Ксениа“. Саботната треска на Д Фестивал помина и со настапите на „Доуп Куќата“, Смоке Мардељано, Зарина Првасевда, „REYKO“, „Xarakiri“, Мартина Пенева, Coeus, Flooder, Visionary, Charley, E.U.E.R.P.I. и „АудиоЦигла“ во придружба на бенд.
Последната вечер, годинешното издание беше испратено на начин што најдобро му одговара – со забава до утринските часови заедно со Греми номинираното италијанско трио „МEDUZA“, дуото од златното доба на њујоршкиот хип-хоп „ONYX“, српската раперка Мими Мерцедез и со јубилејната прослава на домашните хардкор легенди „SMUT“. Енергичен поздрав на 13-тиот Д Фестивал му приредија и „FUNK SHUI“, „Паркети“, Алина Паш, „Баклава“, „Peach Vice“, „С.А.М.“ „Димиш“, „Basement Cult“, „Red18“, Миа Перевска, „АудиоЦигла“, „Bon Praskiza“, „Matej Foltz“, „Princess Donatsu“,„Flexify“, „Bullz“, „Ogipsilon“, „Shorty P“ и „Irie Scratch“.Саботната вечер на Д Фестивалот годинава вклучуваше и специјален концерт на светски признатиот македонски пијанист Симон Трпчески и неговиот музички проект „Македонисимо“.
Д Фестифалот е специфичен и единствен по својот програмски концепт кој вклучува многу повеќе од музика, па во рамките на дополнителната програма посетителите имаа прилика да уживаат и да посетат бројни изложби, перформанси, кино, театар, дебати, работилници, арт-бутик, спорт, игри, натпревари и уште многу други активности распространети низ повеќе од 20 различни катчиња во ПЛОШТАРТ зоната– креативното јадро на Д Фестивал.


















