Како дел од свеченостите по повод Денот на ослободувањето на Битола, синоќа се одржа традиционалната ноќна атлетска трка „4 Ноември“. На 67то издание на овој настан учествуваа над 600 натпреварувачи, вклучувајќи ученици од основните училишта (од 4 до 9 одделение) и ученици од сите четири години во средните училишта.


На трката, која е најстариот спортски настан во градот, се приклучија и претставници од компании и многу други граѓани. Организирана од Сојузот на спортови во соработка со Сојузот на училишен спорт и со поддршка од општина Битола, трката награди учесниците со златни, сребрени и бронзени медали за првите три места, а беа доделени и екипни признанија.


Наградите ги доделија градоначалникот Тони Коњановски, заменик градоначалникот Бојан Бојкоски, Претседателката на Советот Габриела Илиевска, како и претставниците на Општинскиот сојуз на спортови.

Фото: Општина Битола


















