Генералниот секретар на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус во средата изјави дека светот никогаш не бил во подобра позиција да стави крај на пандемијата на Ковид – 19.
Тој ги повика земјите да истраат во борбата против вирусот од кој починаа повеќе од шест милиони луѓе.
„Сè уште не сме таму, но крајот е на повидок“, рече Тедрос.
СЗО објави дека бројот на смртни случаи од Ковид-19 минатата недела бил најмал од март 2020 година.
Претставникот на СЗО, Марија Керхове, рече дека се уште се очекуваат бранови на Ковид-19, но дека светот има свои начини на борба, како што се вакцини и антивирусни лекови за спречување сериозни состојби кај пациентите.
Во својот неделен извештај за пандемијата, здравствената агенција на ООН соопшти дека смртните случаи поврзани со Ковид паднале за 22 отсто во изминатата недела, на нешто повеќе од 11.000 пријавени ширум светот.
Сепак, Светската здравствена организација предупреди дека релаксираното тестирање и надзор значи дека многу позитивни случаи минуваат незабележано.


















