Со концерт на групата Фонтана во придружба на турската ѕвезда Гамзе Матраџи и со сала преполна до последно место синоќа во Центарот за култура Битола започна најновото издание на фестивалот Музика од светот.
Богатство на звуци и бои, виртуезен настап на врвни битолски и светски уметници ја одбележаа вечерта.
Фестивалот за отворен го прогласи директорот на Центарот за култура Сашо Илковски.
Посебна атракција на сцена беше виртиозната изведба на музичкиот гениј Благојче Трајковски и турската пејачка Гамзе Матраџи, која доаѓа од Измир, но нејзините корени се од Велес, Македонија.
Таа пее на повеќе балкански јазици. Пред публиката во Битола ја испеа и култната народна македонска песна Македонско девојче за која и сама рече дека ја знае цел свет.
Во Битола како мултиетнички град испеа и турска песна, за која рече дека била омилената песна на Кемал Ататурк.
Публиката го силен аплауз ги дочекуваше песните за Битола.
Најновото фестивалско издание под мотото „Уметноста на звукот“ вечерва продолжува со настап на Тања Царовска и Националната установа Камерен оркестар .
На 29 ноември се Балкан Зоо и Нина Чориќ. Коза Мостра ќе ја исполни музичката програма на 30 ноември, додека на 1 декември настапува Гамазда.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и од општина Битола како дел од годишната програма на Центарот за култура Битола.


















