Србија размислува за скратување на часовите во училиштата на 30 минути. Министерот за образование Дејан Вук Станковиќ вели дека се разгледува идејата за скратување на училишниот час на 30 минути, бидејќи децата имаат феномен на дифузно внимание, поради што не можат да се концентрираат 45 минути за да ги следат часовите, па во јавноста се појави предлог за намалување на времетраењето на часовите од 45 на 30 минути.
„Во моментов, попрецизно и гласно размислуваме за таа идеја. Мислам дека постои некаков вид психолошко оправдување. Под влијание на новата технологија се појавува феномен на дифузно внимание. Не можете да бидете фокусирани на еден предмет, туку едноставно многу лесно преминувате од една содржина на друга“- објасни Станковиќ.
Тој додаде дека кај децата се создава ефект да не можат да останат фокусирани 45 минути, што пак е максималното време за концентрација на зрели луѓе.
„Слушаме разни аргументи за и против. После тоа доаѓа практичниот дел, што подразбира институционална реорганизација на распоредот на часовите, распределба на наставен кадар и можеби прием на нови луѓе, бидејќи ќе има повеќе часови. Сите промени во образованието мора да бидат рационални“-додаде српскиот министер за образование Дејан Вук Станковиќ.
Исто така, Владата на Србија го разгледува и предлогот за делумна или целосна забрана за мобилните телефони во училиштата.
















