Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека сите работодавачи треба да ги следат примерите од локално ниво каде што штрајкот е со успех и работниците го добиваат заслуженото и одработеното усогласување на платите за 2806 денари што е едно од главните барања и главна причина за штрајкот, се вели во денешното соопштение на ССМ.
„Вработените во јавниот сектор се солидарни како никогаш до сега, а работниците во јавниот сектор кои добија усогласување на платите овие три изминати денови штрајкуваат и за работниците кои не добија солидарно усогласување на нивните плати за 2806 денари.
Незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и поради тие причини Сојузот на синдикатите на Македонија продолжува и преку други форми на синдикален притисок, незадоволството да го изразува на улица.
На 27.06.2022 година ( понеделник) од 07 часот до 10 часот ќе застанеме на влезот на главниот град Скопје на раскрсницата во населба Автокоманда на бул. Александар Македонски со 16 Македонска бригада, а ќе бидат пропуштани само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна.
Пораката ќе биде јасна за пратениците кои не даваат поддршка и глас за предог амандманот на ССМ, зошто работниците не се задоволни од нивната продуктивност и ангажман за надминување на работничките проблеми, а на овој начин пратениците нема да можат да стигнат во Собранието за да наплатат патни трошоци, а истото важи и за владините министри кои се глуви за работниците и работничките барања во оваа криза.
Укажуваме на работниците и на граѓаните однапред да го планираат нивното движење во наведениот период и да ја избегнат раскрсницата на бул. Александар Македонски со 16 Македонска бригада или солидарно да ни се придружат, а можат да ни се придружат и сите работници“ се вели во соопштенито на ССМ.



















