Македонија ќе ја збогати својата експедиција на претстојните Олимписки игри кои ќе се одржат во Париз.
Се работи за охриѓанката Анастасија Мојсовска, која ќе настапи во спортско стрелаштво и ќе се натпреварува во дисциплината воздушна пушка 60 истрели.
Информацијата ја сподели Македонската спортска стрелачка федерација, која со допис била информирана од Интернационалната федерација.
Според предвидената програма, Мојсовска треба да настапи на Олимписките игри на 28 јули. Младата Мојсовска е член на стрелачкиот клуб Стрелец – Скопје од каде што произлегуваат многу стрелци од сите категории и дисциплини, кои исполнуваат високи резултати и олимписки норми.
22-годишната Анастасија Мојсовска е повеќекратен шампион на Македонија, а воедно и рекордер во нашата земја, со одлични резултати на меѓународните натпревари.
На последниот Светски куп во Минхен таа постави нов државен рекорд и висок светски резултат од 628,8 кругови, кој е конкурентен за влез во финале на претстојните Олимписки игри во Париз.


















