„Нека денешниов ден, среда, биде среќен ден за сите нас. Да се надеваме дека денес ќе бидеме повикани на преговори и ќе ни биде дадена разумна понуда. Дотогаш, Среќно!“ вака утрово претседателот на СОНК, Јаким Неделков ги поздрави штрајкувачите.

Неделков информираше дека во текот на вчерашниот ден, сите синдикални организации на СОНК беа во Генерален штрајк, дополнително со зголемен број на нивни колешки и колеги кои се приклучиле кон штрајкот.
„Посериозни проблеми или притисоци врз штрајкувачите не се регистрирани, а доколку има такви дејствија и пристигнат изјави до нас, јавноста ќе биде благовремено информирана“ рече Неделков.
СОНК се надева дека ресорните министерства или Владата ќе излезат со конкретен и прифатлив предлог за зголемување на платите во гореспоменатите дејности, односно со предлог кој ќе биде прифатлив од мнозинството на членови на СОНК. Со тоа би се донело, во најкраток можен рок, одлука за прекин на штрајкот и продолжување на нормалниот тек на воспитно – образовниот процес, рече тој.













