Громогласен аплауз доби Скопје танцовиот театар во престижниот Шајо во Париз. За првпат танчарите на Рисима Рисимкин ја изведоа претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ во Националниот театар за современ танц во Франција.
„Навистина е голем успех и огромно признание и за мене како кореограф и за Скопје танцовиот театар да сме први кои сме поканети да настапиме тука во Шајо. Тоа е францускиот национален театар за современ танц сместен во една историска зграда. Навистина многу ни значи да сме во друштво со најдобрите и најпрестижните танчерски компании од светот“ – истакна Рисимкин .

Од друга страна Денис Санглард за специјализиран журнал за критички осврти вели: „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ е креација која брилијантно покажува колку овој авангарден кореограф со талент и инвентивност го преиспитува кореографскиот гест, движењето и неговата експресивност. Македонските танчери, се имаат претставено со бројни дела низ светот, но за првпат беа поканети во Франција на задоволството на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз. Единствено жалиме што претставата се играше само три дена“. Инаку, музиката за претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ е на Тони Китановски, сценографија и светла на Матеа Мијановиќ, костимографија на Благој Мицевски. Настапија танчерите: Анатасија Данчевска, Мими Поп Алексова, Сара Цветковска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Стефани Шааршмит, Емилија Милак.

Во Париз претставата беше најавена како „изненадувачка, која не води во еден магичен свет, за да зборуваме за актуелностите“.
Рисима Рисимкин ја доведува во прашање експресивноста на движењето во времето на пандемијата. Надвор од оваа општоприфатена тема, Скопје танцовиот театар не поканува да ги истражуваме имагинарните идентитети, изнесувајќи чудни ликови, запленети од големата интензивеност на танцот. Рисимкин во овој опус, „се обидува да најде јазик што функционира во ова нефункционално време“.
Претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ имаше три изведби на париската современа сцена.
Неда Маретиќ




















