Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија ги одликуваше Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска со Орден за заслуги за Република Северна Македонија и им додели признание Повелба на Република Северна Македонија на Факултетот за Драмски уметности, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и на Националната установа Турски театар.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање порача дека одликувањата се сатисфакција за посветеноста, за вложениот труд и за ефектите од него, на одликуваните. Но, тие се и нешто повеќе од тоа – тие се аргумент дека пошироката заедница поседува референтни точки врз основа на коишто може да ги гради понатаму своите развојни политики во сите витални општествени сфери. Освен што зборуваат за државните приоритети, одликувањата потврдуваат и дека во општеството постои јасно одбележана патека со критериуми за вреднување, во рамките на хуманите вредносни системи.

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е дoбитник на признанието Повелба по повод 40-годишното постоење и за значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија и за нејзина афирмација во светски рамки, како и за афирмација и популаризација на филмската уметност низ нејзиниот најспецифичен сегмент — кинематографијата, кое го додели Претседателот Стево Пендаровски.
ИФФК „Браќа Манаки“ е прв и најстар ваков фестивал, светилник и гордост на македонската кинематографија и уметност повеќе од четири децении.
„Браќа Манаки“ има посебен успех со својата мисија за врвен вредносен систем во промоцијата и славењето на еден од најважните сегменти во филмската продукција-кинематограферството, клучната алатка за раскажувањето на наративите на филмското платно.
















