Филмот Вера сонува за морето, освои 2 две награди на Интернационалниот филмски фестивал и форум за човекови права во Женева. Филмот освои: Гран при и награда од жирито.
Фестивалот во Женева е еден од водечките меѓународни настани посветени на филмот и човековите права. Во изминатите 20 години, Фестивалот се одржуваше во срцето на Женева, главниот град на човековите права, паралелно со годишната главна сесија на Советот за човекови права на ОН.
Филмот претходно ја освои меѓународната награда „Ингмар Бергман“ на Филмскиот фестивал во Гетеборг, Шведска. Истиот е долгометражно деби на режисерката Калтрина Красниќи од Косово, копродукција помеѓу Косово, Албанија и Македонија. „Вера сонува за морето“ ја раскажува приказната за Вера, преведувач на знаковен јазик која по самоубиството на сопругот, реномиран судија, Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив.

Филмот ја имаше својата светска премиера на Интернационалниот фестивал во Венеција, кога беше дел од официјалната селекција на 78. издание на Фестивалот во програмата Хоризонти. Режисерката тогаш ја освои наградата за најдобра режија „Автори под 40“.
Долгометражниот игран филм „ВЕРА СОНУВА ЗА МОРЕТО“е копродукција помеѓу „Дрим Фактори“, од Македонија (Ко-Продуценти: Огнен Антов, Стојан Вујичиќ), Косово: „Истра креатив фектори“ (Продуцент: Шкумбрин Истрефи) и Албанија: „Пападимитри филм“ (Ко/Продуцент: Дионис Пападимитри).
Филмската критика е воодушевена од уникатниот начин на кој филмот раскажува за силата на жените, комплексната врска помеѓу старото и новото, во земја што се обновува: селото и градот, патријархатот и потребите на младите генерации. Режијата ги води со прецизност и кохеренција аспирациите за правда на мајка и ќерка, оставајќи на крај можност да се постават прашања и предизвици за иднината на цело општество и национален идентитет.
Неда Маретиќ
















