Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека не е постигнат напредок во кандидатурата на Шведска за членство во НАТО и го повика Стокхолм да преземе „конкретна акција“ за да ја намали загриженоста на Анкара, соопшти неговиот кабинет.

Во телефонскиот разговор со шведската премиерка Магдалена Андерсон, Ердоган повтори дека „Шведска мора да преземе чекори за фундаментални прашања како што е борбата против тероризмот“, се вели во соопштението од Кабинетот на турскиот претседател.

Финска и Шведска во понеделникот во Брисел разговараа со Турција за најавената блокада на нивните кандидатури за НАТО, но Анкара ги отфрли надежите дека спорот ќе биде решен пред самитот следната недела, како што најавуваа високи претставници на САД.
Утре и другиден во Мадрид ќе се одржи самитот на НАТО. Северно-атланската алијанса го покани украинскиот претседател, Володимир Зеленски да учествува на самитот во Мадрид.


















