Шпанската Влада соопшти дека ќе ѝ предложи на Европската Унија трајно да го укине поместувањето на часовникот и преминот на зимско сметање на времето, што треба да се случи наредниот викенд, наведувајќи дека тоа е „застарена пракса“, пренесуваат шпанските медиуми.
Како што се наведува, оваа промена веќе не придонесува за заштеда на енергија, а истовремено предизвикува негативни последици врз здравјето, јави телевизијата РТВЕ.
Во видео објава на платформата X, шпанскиот премиер Педро Санчез посочи дека „поместувањето на часовникот двапати годишно повеќе нема смисла“, поради што Шпанија ќе предложи укинување на таа практика.
„Во сите анкети што ги спроведовме, повеќето Шпанци и Европејци се против поместувањето на стрелките на часовникот. Дополнително, науката ни кажува дека тоа веќе не штеди енергија и оти двапати годишно го нарушува биолошкиот ритам“, објасни Санчез.
Тој потсети дека пред шест години ЕУ гласала за укинување на поместувањето на часовникот двапати годишно во сите земји членки, и оти тогаш било истакнато дека одлуката е донесена по јавни консултации во кои учествувале 4,6 милиони луѓе, од кои 84 проценти се изјасниле за укинување на таа пракса.
Европскиот парламент во 2019 година исто така ја поддржа оваа одлука, со 63 проценти од гласовите.
Сепак, конечната одлука за тоа прашање не беше донесена поради недостиг на консензус меѓу земјите членки, бидејќи за нејзино усвојување е потребно квалификувано мнозинство во Советот на ЕУ.
МИА




















