Битола е една од општините која го има долгогодишниот проблем со бездомните кучиња кои се голема опасност за граѓаните.
Градот се соочува со проблемот на напуштени домашни миленици изложени на нехуман и неправилен третман, што од друга страна може да претставува и потенцијална опасност за граѓаните.
Дополнително, голем проблем се и угинатите кучиња што се погребуваат на забранети локации.
За решавање на проблемот со немањето гробишта за домашни миленици, интензивно се работи на изградба на кафилерија во Македонија.
За ова информираше директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов и додаде дека до средината на 2026 година се очекува да бидат договорени основите и за кафилеријата и за гробиштата за миленици по што треба да почне и практичната реализација на терен.
Според Миланов, досега повеќето миленичиња по смртта биле оставани од сопствениците на истите депонии каде што се фрла и отпадот, а се разгледува и опцијата, секоја општина да има прифатилиште за бездомни кучиња.
„Досега повеќето миленичиња ги оставаа на истите депонии каде што се фрла и отпадот. Ќе се прават нови места, кои не се населени, надвор од урбаните средини и тоа ќе биде една од темите, секоја општина, ако може, да има и прифатилиште и гробишта за миленици. Тоа ќе им биде укажано на градоначалниците. Има и најнов модел како во повеќето европски држави-мобилна кафилерија која овозможува да се земе трупот, да се однесе на точно утврдена место и да се изгори“, информираше директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов.
Тој потенцираше дека е веќе изготвен Законот за здравствена заштита на животните со кој се опфатени и бездомните кучиња.


















