Системот за интелигентен видеонадзор „Безбеден град“, кој од вчера функционира во Скопје, за само 24 часа детектирал повеќе од 110.000 сообраќајни прекршоци.
На првиот ден од тест-периодот, полицијата преку системот „Безбеден град“ испратила вкупно 110.000 СМС-пораки за направен прекршок, од кои преку 90 % за побрзо возење од дозволеното, 5.000 за поминување на црвено, а 1.000 бидејќи табличките ги немало во регистрираните возила.
Возачите бараат од МВР, кое е надлежно за системот, да воведе толеранција во однос на пропишаната брзина и нејзиното пречекорување.
Министерот Панче Тошковски рече дека има можност пробниот период да се продолжи за еден месец и дека проектот претставува „нова фаза на подобрување на безбедноста во сообраќајот“ и дека прекршителите ќе добиваат електронски известувања документирани со современи уреди за снимање. Според него, бројките покажуваат дека „неопходноста од системот е јасна и оправдана“.
Тошковски изјави дека системот е воведен со цел драстично да се намали бројот на жртви на улиците. Во изминатата година загинале 142 лица – бројка што, како што рече, „не е само статистика, туку животи и семејства кои се засекогаш променети“.
110.000 ПРЕКРШОЦИ ВО САМО ЕДЕН ДЕН РЕГИСТРИРАШЕ СИСТЕМОТ БЕЗБЕДЕН ГРАД



















