Последната седница на Советот на општината донесе нова формално-правна дилема. Дали Непотпишувањето на одлуките од градоначалникот и нивно необјавување значи намалување на функционалноста на Општината и Советот заедно?

Поврзаност, безбедност и одржливост.
Овие три елементи, според некои концепти на општина беа дел од дискусијата на последната седница на Советот на општина Битола. Советниците изгласаа инцијатива за почеток на разгледување на можноста за зголемување на цените на такси превозот по километар, во услови кога поврзаноста на градот со градот и околните населби и села е намалена. Зборуваа за безбедносната состојба во градот, го разгледеаа извештајот од Полициската станица од Општа Надлежност од Битола. А на почетокот гласаа за Одлука за потврдување на Одлука за потврдување на Одлука за недонесување на планот за вработување во општинската администрација.

„Првите три точки се однесуваат на точки коишто овој Совет веќе ги донел, ги усвоил со мнозинство меѓутоа бевме известени од градоначалникот дека нема да ги објави. Ова веќе преминува во редовна пракса и мислам дека според некоја моја статистика повеќе од 40 вакви одлуки коишто сме ги донеле и сме ги изгласале како Совет истите решил да не ги објавува. Меѓутоа, согласно закон, статут деловник советот има право во рок од 15 дена по добивањето на решението за необјавување истите да ги потврди на седница на Совет. „ – изјави од советничката говорница Габриела Илиевска, претседател на Советот на општина Битола.
Се работи за механизам со кој и претседателот на државата одобрува некој од законите предложени од Парламентот. Непотпишувањето на законите подразбира вето. Кај општините механизмот е сличен – ако градоначалникот не потпише Одлука на Советот, одлуката се враќа назад.
Ова е регулирано и со Законот за локална самоуправа и со Статутот на Општина Битола. Во чл. 55 стои дека доколку Градоначалникот смета дека прописот на Советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето, со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.
Подолу во Статутот на Општината, Член 72 вели дека „Со одлука на Советот се уредуваат работите од локално значење од надлежност на Општината. Со одлука на Советот на Општината се основа општинска администрација и се уредува начинот на нејзиното работење и се основаат јавни служби. “ И на крај , членот 76 од битолскиоит општински статут вели дека Градоначалникот на Општината е должен во рок од 7 (седум) дена од денот на доставувањето на актите да ги објави во ,,Службениот гласник на Општината Битола”.

„Во интерес на јавноста, денес предложена е точката за недонесување на годишниот план за вработување во Општина Битола ,не е прекршена законската обврска која што ја има Општина Битола и градоначалникот бидејќи пред две седници не беше дадена забелешка по однос на годишниот план за вработување. По однос на планот за Општината без формално-правна забелешка од страна на Советот едноставно планот беше одбиен . Како што кажавме наредната година доколку не се изнајдат други законски можности во општината нема да има други вработувања, ниту на пожарникари, ни градежни инженери, ни архитекти , ниту на оние вработени коишто во моментот се преку агенција. “ – рече Бојан Бојкоски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Политичкиот момент се однесува на бројот на вработени во општинската администрација, за што на претпоследната седница се утврди дека се работи за годишен план за вработувања во општинската администрација со отворање на само две нови работни места, 17 унапредувања на веќе вработени, пополнување на испразнети места, вклучително на командир на ТППЕ и командир на одделение. Планот за вработување во општинската администрација предвидува промени за 31 работно место по востановената систематизација, а во моментов има 171 вработени, вклучени во 6 сектори и 21 одделенија. И веќе многумина сметаат дека е превработена. Новиот план би довел до зголемување на бројот, a тоа секако го отвора прашањето на одржливост на Општината како институција.
„Доколку до мене во следниот период кога и да е стигне било какво решение од градоначалникот со кое ни кажува дека нема да објави наша одлука, да знаете дека ќе има седница на којашто ќе барам да се потврдуваат одлуките.“ – рече на крајот од своето излагање Илиевска.

На, прашањето за функционалноста на општината со неизгласување на планови за вработувања , но и Програми и Планови за работата на секторите, познавачите на досегашната работа на битолската локална самоуправа велат, Општината и општинската администрација ги имаат сите потребни кадри за добра функционалност, а за тоа говорат сите досегашни изгласани одлуки на Советот.
Останува отворено прашањето дали промената на Законот за локална самоуправа ќе ги надмине ваквите и слични состојби, иако засега акцентот е ставен на можноста или потребата за отповикување на градоначалницие за кои се вели дека биле многу заштитени.


















