3,2 милиони прегледи во последните 28 дена остварија содржините на Тера телевизија.
Само еден месец беше доволен бројката да порасне за точно еден милион.
Овој раст не е случаен. Тој доаѓа во период кога Тера се појасно го фаќа ритамот на градот и секојдневно отвора теми што директно ги допираат луѓето во Битола и регионот. Од комунални и институционални проблеми, преку настани што ја обликуваат јавната слика, до лични приказни што често остануваат надвор од големите наслови.
Во фокусот се и младите кои постигнуваат резултати што заслужуваат внимание, но и обичните, тивки херои сограѓани кои со мали, но значајни гестови покажуваат што значи солидарност и човечност. Таквите приказни се дел од секојдневието што Тера го документира без разубавување и без дистанца.
Градските маки, но и радостите, малите победи и големите успеси сето тоа е дел од содржините што во изминатиот месец добија засилен одѕив. Податоците јасно покажуваат: кога фокусот е ставен на суштината, интересот расте.
Бројките од 3,2 милиони прегледи се показател дека публиката препознава кога еден медиум навистина е свртен кон тоа како живее и дише градот. И дека во Битола, се повеќе, информацијата се бара и се наоѓа на ТЕРА.

















